[Точка интервју] „Беше хаос... Единствено нешто што посакував беше да исчезнам“: Вистинската приказна на Наташа Петровска

Точка

14/11/2025

15:00

1.654

Големина на фонт

а а а

Наташа Петровска не е само име зад успешен бренд и студио за убавина. Нејзиниот јавен лик - силен, насмеан, самоуверен, е само дел од приказната.

Под површината, долго време водела борба со себе, со стравовите, паничните напади и неизвесноста. Ова е приказната за таа борба, но и за пресвртот кој ја оживеал повторно - како жена и како професионалец.

„Јавноста ме гледа силна, стабилна, насмеана… Жена која знае што сака, која гради кариера, креира убавина и веќе 16 години работи со женско тело“. Но, како што вели самата, ретко кој ја знае нејзината вистинска приказна. Приказна која не почнува со успехот, туку со борбата со самата себе.


„Кога телото работи, а душата се бори“

„Имаше долг период во мојот живот кога на површината сè изгледаше уредно - работа, обврски, резултати, исчекор напред. Но внатрешно… беше хаос“, открива Наташа.

Таа се сеќава на деновите кога анксиозноста и паничните напади ја парализирале сред бел ден. „Тоа беа моменти кога мислев дека не можам повеќе. Единствено нешто што посакував беше да исчезнам - да одам некаде на одмор, да се исклучам, да не се вратам, да не мислам на работа, на обврски, на одлуки“.

Имаше и денови кога размислувала да го фрли сето тоа што го имала градено - да се оддалечи и да се препушти на „полесниот пат“.


„Дилема што ме следеше со години“

„Во тој период имав една огромна внатрешна дилема: Дали да продолжам да се борам сама, независна, со своја кариера… или да се откажам и да живеам 'лесен живот', зависејќи од некој друг?“.

Според Наташа, многу жени ќе ја разберат оваа „тивка борба помеѓу уморот и амбицијата, помеѓу желбата да се спасиш и желбата да успееш“. Таа ја водела таа борба секој ден.

„Едниот пат носеше привидно удобност… а другиот носеше тежина, неизвесност, страв - но и можност за нешто мое“.


„Што се случува кога ќе паднеш дотаму што го слушаш само сопствениот глас?“

„Во неколку моменти мислев дека сум на крајот. Секој паничен напад ми изгледаше како знак дека треба да се откажам. Секој емоционален хаос ми велеше да немам сила за повеќе. Но длабоко во мене имаше едно мало, тивко, упорно парче кое не се предаваше. Глас што ми велеше: 'Ова не е крај. Ова е трансформација'“.


Токму таа тишина, како што вели Наташа, ја обликувала. „Сфатив дека бегањето не ме спасува. Дека животот секогаш ќе бара храброст, а не совршеност. И дека жената расте најмногу кога ќе се погледне себеси искрено – со сите стравови, ранливости и пукнатини“.


„Пресвртот што ме врати во живот“

Во најтежок период, Наташа направила одлука која го сменила нејзиниот живот: „Да не бегам повеќе. Да не зависам. Да не дозволам стравот да ја води мојата иднина“.

Одлучила да излезе од сите рамки и да создаде нешто ново, нешто свое - продолжение на нејзината лична приказна. Така настанува студио Натела.

„Не како студио, туку како симбол на мојата трансформација. Како проект создаден од жена која паднала, која се борела со себе, но која избрала да стане“.


„Што ме научи животната борба“

„Животот ме научи дека анксиозноста не те прави слаба - напротив, таа те прави човек. Паничните напади не се знак за слабост, туку начин да се разбудиш и да ја согледаш вистинската состојба на својата душа. Најсилните жени не се оние што никогаш не се плашат, туку оние што треперат, се двоумат, и сепак одат напред, чекор по чекор“, вели Наташа.


Таа додава дека најголемата победа е да бидеш автентична и да не дозволиш никој друг да ти ја одредува вредноста. „Ниту партнер, ниту 'лесен живот', ниту каква било сигурност не вреди ако се изгубиш себе. Тука лежи вистинската моќ и ослободување“.

„Денес, гледајќи назад, не ја чувствувам победата поради брендот што го создавам, туку поради тоа што успеав себеси да се направам среќна“, заклучува Петровска.

Автор: Ц.Н.