Со години се борел со зависност, завршил во затвор поради возење во пијана состојба, полицијата го уапсила за поседување хероин, а неговиот славен татко одлучил да ги прекине сите врски со него во 2005 година...
По речиси две децении без контакт, холивудската легенда Пирс Броснан повторно беше фотографиран со својот син Кристофер. Емоционалната средба меѓу Броснан и неговиот посвоен син се случила во лондонскиот кварт Нотинг Хил, каде што заедно вечерале во популарниот ресторан „Доријан“, во друштво на помладиот син на Броснан, Дилан (28).

Познатиот актер, кој го посвоил Кристофер уште во 1986 година, не ја криел својата радост, фотографите го снимиле насмеан, во црна јакна и видно добро расположение, додека излегувал од ресторанот.
Според извор близок до семејството, кој за „Мирор“ открил детали од средбата, „сите изгледаа опуштено и среќно, а Пирс и Кристофер делуваа како конечно да ги закопале воените секири. Беше убаво повторно да се видат заедно.“
Овој нов почеток претставува важно поглавје во животот на 72-годишниот актер, кој пред дваесет години донел тешка одлука да го прекине контактот со синот поради неговите проблеми со зависност од кокаин и хероин. Кристофер во минатото неколкупати завршувал во болница, а еднаш, поради предозирање, дури и паднал во кома.

Во интервју за „Плејбој“ во 2005 година, Броснан изјавил:
„Кристофер беше изгубен, ужасно изгубен. Знаев каде е, но водеше тежок живот. Имав само вера дека еден ден ќе се извлече. Морав да го пуштам сам да го најде својот пат.“
Додал и дека одлуката била болна, но неопходна:
„Никогаш не го отфрлив целосно, но морав да му кажам: ’Оди. Или почни да живееш, или почни да умираш. Се молев за него“.
Кристофер е биолошки син на покојната прва сопруга на Пирс, австралиската актерка Касандра Харис. Броснан го посвоил по смртта на поранешниор сопруг на Харис, во 1986 година, а подоцна ја посвоил и неговата сестра Шарлот, која трагично почина во 2013 година од рак на јајници, истата болест од која почина и Касандра.
Кристофер работел како асистент-режисер на два филма за Џејмс Бонд во кои Броснан глумеше — „Светот не е доволен“ и „Утрешниот ден никогаш не умира“, но подоцна се повлекол од филмската индустрија.

Пирс, кој денес е во брак со новинарката и актерка Кили Шеј Смит, со која ги има синовите Парис и Дилан, во последно време покажуваше знаци дека сака да се смири со Кристофер. Во објава по повод Денот на татковците во 2022 година, напиша:
„Мојата љубов засекогаш кон вас, мои синови Парис, Дилан, Шон и Кристофер. Ви благодарам што ми подаривте толку љубов.“
Кристофер порано имал проблеми со законот, бил уапсен поради возење под дејство на алкохол и учество во тепачки во лондонски ноќни клубови — но изгледа дека тие денови се зад него.

Според британските медиуми, семејната вечера во Нотинг Хил е знак на нов почеток за таткото и синот кои премногу долго биле разделени.