Во свет каде што „сигурноста“ често се изедначува со успех, Марио Арангеловски одлучил да го направи токму спротивното. По седум години работа во државна институција и речиси три децении живот во родното Куманово, тој ја напуштил комфорната зона и тргнал кон нешто сосема ново, живот во Скопје, креативна професија и сопствен поткаст.
Денес, на 30 години, зборува искрено и без филтер за моментот кога решил да го смени својот живот од корен.
„Животот на 30 не изгледа како што замислував“
„Кога бев мал мислев дека луѓето на 30 години се успешни по дифолт“, вели Марио Арангеловски.

„Ги замислував како луѓе со стабилна работа, семејство и предвидлива рутина. Но, кога наполнив 30, сфатив дека животот не оди по шаблон“.
Со насмевка признава дека токму тогаш го почувствувал најголемиот пресврт, моментот кога решил да промени сè што дотогаш било „сигурно“.
„Кожата ми стана тесна“
„Година дена интензивно размислував на тема промени“, раскажува тој. „Не знаев што конкретно треба да преземам, но знаев дека кожата ми е тесна. Телото и мислите протестираа секој ден“.

По речиси три децении живот во Куманово и седум години државна служба со сигурна плата, Марио за само 48 часа направил целосен пресврт:
„Се преселив во Скопје и започнав работа во приватна фирма, маркетинг агенција. Тоа беше мојот начин да преземам одговорност за својот живот“.
„Од сигурна работа, до свој поткаст“
Неговата мисија била јасна, да создаде нешто свое.

„Сакав да направам нешто што е мој потпис, да работам за себе и да живеам од тоа што го сакам“, објаснува Марио.
Така започнува неговиот прв проект, поткаст, во кој тој е водител и автор.
„Ако кажам дека беше лесно, ќе ве излажам. Се чувствував како Алиса во земјата на чудата. Иако Скопје ми беше познато, не беше едноставно да се најдат вистинските контакти и поддршка. Но, животот е чудо“.

„Се уште е рано, но верувам во себе“
Марио вели дека многумина околу него не ја разбрале неговата одлука.
„Им беше чудно, зошто човек на 30 би ја напуштил државната работа и би тргнал по сон од кој во Македонија тешко се живее? Но, јас сам на себе си бев доволен, за да го направам тоа и да ги демантирам“.
„Мојот повик е во креативноста“
„Верувам дека сум роден за ова,“ искрено вели тој.
„Музика, креирање содржина, камера, монтажа, тоа е мојот свет. Не сум човек за стерилна канцеларија. Можам да работам и по 20 часа на ден ако тоа е дел од креативниот процес, но имам сериозен отпор кога треба да работам нешто само затоа што морам“.

Ризикот има цена, но и вредност
Иако неговата приказна звучи охрабрувачки, Марио не го романтизира ризикот.
„Да, тоа изгледа храбро, но има свои последици. Анксиозноста и стравот од непознатото се реални. Само треба човек да научи да живее со нив. Денес сум мирен затоа што барем пробав“.
„Не прифаќам неуспех, ќе умрам пробувајќи“
Со цврста увереност додава:
„Шоу-бизнисот е мојот животен повик. И никогаш нема да прифатам дека не сум успеал, затоа што ќе умрам пробувајќи. Сакам да пеам, да снимам, да ме има. Верувам дека некој од горе ќе ја награди оваа борба“.

Никогаш не е доцна да го смениш животот
Марио ја завршува својата исповед со порака која звучи како мото за сите што се двоумат:
„Ги охрабрувам сите, особено возрасните, да го направат она за што мечтаат. Преземете ризик, излезете од вашата зона на удобност и почувствувајте слобода!“.
Со насмевка додава пример што често го кажува:
„Ако имате 50 години и немате возачка дозвола, уште колку години планирате да живеете, 10, 20, 30? Зарем тоа не е доволно време да бидете возач? Не чекајте. Живејте го животот со полн капацитет. Среќно!“.
Автор: Ц.Н.









