Минатата година „Coca-Cola“ објави три AI реклами со чудни лица и тркала што лебдеа над снегот. И покрај бројните критики, годинава брендот одлучи да направи „поправен испит“ со новата реклама „Holidays Are Coming“.
„Coca-Cola“ повторно посегна по вештачка интелигенција во својата најнова божиќна кампања, но реакциите на јавноста воопшто не се позитивни. Откако минатогодишните AI видеа беа исмеани поради неприродни движења и деформирани лица, компанијата се врати со нов експеримент кој, според коментарите на социјалните мрежи, изгледа уште понепријатно.
Рекламата со „креативен“ наслов „Holidays Are Coming“ се обидува да го избегне проблемот со генерирање реалистични луѓе така што во главните улоги става животни. Иако тие изгледаат подобро од минатогодишните AI луѓе, изведбата и натаму е на ниско ниво. Во текот на целата едноминутна реклама се менува стилот на анимација, а животните се движат неприродно и вештачки.
„Изгледа дека ’Coca-Cola‘ сè уште не ја научила лекцијата за вештачка интелигенција“, „Се сеќавате ли кога се плаќаа вистински аниматори за да создаваат реклами со душа? Сега тоа го прави бездушен AI“, „Ништо не вика ’празничен дух‘ како отпуштање на графички дизајнери во име на ’напредокот‘ и ’поместувањето на границите‘“ – се само дел од бројните негативни коментари на гледачите под рекламата на "YouTube".

70.000 генерирани видеа за една реклама
Кампањата е реализирана во соработка со студијата „Silverside“ и „Secret Level“, кои зад себе веќе имаат слични AI проекти. На овој проект работеле околу 100 луѓе, а за да се реализира биле потребни повеќе од 70.000 генерирани видео-исечоци.
Компанијата не откри колку чинела рекламата, но истакна дека процесот бил значително побрз и поевтин од традиционалното снимање.
„Порано моравме да започнеме со подготовките и снимањето цела година однапред. Сега сè можеме да завршиме за околу еден месец“, изјави за „Wall Street Journal“ Мануел Аројо, главен директор за маркетинг на „Coca-Cola“.











