Бразилскиот напаѓач на Реал Мадрид, Ендрик (19), е пред привремено заминување од клубот откако не успеа да го импресионира тренерот Чаби Алонсо. Иако беше поврзуван со позајмица во Премиер лигата, каде што интерес покажаа Манчестер Јунајтед и Астон Вила, 19-годишникот најверојатно ќе ја продолжи кариерата во Лион, Франција, пишува специјализираниот фудбалски поратал „Goal.com“.
Ендрик се врати на теренот минатиот викенд по петмесечна пауза поради повреда, ги одигра првите минути во високата победа на Реал против Валенсија (4:0). Сепак, се чини дека неговиот статус на „Сантијаго Бернабеу“ не е сменет. Според информациите од Фабрицио Романо, Реал Мадрид ги финализира деталите за краткорочна позајмица во Лион.
Преговорите се во напредна фаза и само неочекуван пресврт би можел да го спречи трансферот. Ендрик треба да помине шест месеци во Франција, а клучниот детаљ од договорот е отсуството на опција за откуп на договорот.
Токму ова беше причината зошто Манчестер Јунајтед и Астон Вила се откажаа од неговото доведување, бидејќи англиските клубови инсистираа на таа клаузула, како што наведува „ESPN Brasil“.
Извори блиски до клубот открија дека еден од помошниците тренери на Лион, Пол Фонсека, веќе започнал детална анализа на досегашните настапи на Ендрик.
Според извештаите, се составува обемно досие за неговиот стил на игра, се разгледуваат снимки периодот додека беше во Палмеирас од 2022 до 2023 година, како и неговите ретки настапи за Реал.
Францускиот клуб го гледа Ендрик како краткорочно засилување кое може да донесе многу потребна енергија во нападот додека се борат за подобра позиција на табелата во Лига 1.
                                






