Фон дер Лајен: Украина нема да биде сама оваа зима, ЕУ стои покрај вас

Макфакс

03/11/2025

21:36

287

Големина на фонт

а а а

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес изјави дека ЕУ стои покрај Украина и е подготвена да ја обезбеди потребната помош за земјата да не се соочи сама со претстојната зима.

„Украина нема да биде сама оваа зима. ЕУ стои покрај вас и обезбедува итна енергетска помош за поддршка на Украина во наредните месеци“, напиша Фон дер Лајен на платформата X.

Таа додаде дека Европската комисија истовремено разгледува опции за обезбедување на потребната континуирана финансиска поддршка за Украина.

„Утре ќе го усвоиме нашиот Пакет за проширување, кој ќе ја истакне исклучителната посветеност на Украина на нејзиниот европски пат во текот на изминатата година“, рече претседателката на ЕК.

Фон дер Лајен нагласи дека пораката на Комисијата е јасна: Украина е подготвена да продолжи напред.

Руските напади врз украинската инфраструктура се интензивираа во претходните денови и затоа, според украинската јавна служба „Суспилна“, има големи прекини и ограничувања на капацитетот за дистрибуција на електрична енергија во Украина, а во неделата целиот регион Донецк остана без електрична енергија поради руските напади, пренесуваат медиумите во регионот.