Хорор на дното на морето: „Топката на смртта“ го лови пленот со куки – а тоа не е најстрашното

Точка

31/10/2025

16:38

1.132

Големина на фонт

а а а

Научници во еден од најнедостапните делови на планетата — на дното на Јужниот Океан — открија десетици досега непознати морски видови. Меѓу нив се наоѓа и морничавиот месојаден сунѓер со прекар „топка на смртта“, кој го фаќа својот плен со помош на ситни кукички.

Истражувањето било спроведено претходно оваа година за време на експедицијата на бродот „R/V Falkor (too)“, во организација на „Schmidt Ocean Institute“ и „Nippon Foundation – Nekton Ocean Census“. Научниците, истражувајќи го подрачјето околу островската група Јужен Сендвич, собрале речиси 2.000 примероци од 14 различни групи морски организми, а меѓу нив идентификувале дури 30 сосема нови видови.

Месојаден сунѓер што лови

Најголемо внимание предизвикал токму споменатиот сунѓер Chondrocladia sp. nov., со сферична форма и површина прекриена со микроскопски кукички што служат за фаќање плен. За разлика од повеќето сунѓери кои се хранат пасивно, филтрирајќи ја водата, овој вид користи агресивна стратегија за лов — пленот се прицврстува за кукичките и потоа се апсорбира.

Откриен и „зомби црв“

Покрај „сунѓерот на смртта“, научниците пронашле и нов вид сјаен и оклопен црв од фамилијата "Eulagisca sp. nov"., како и три досега непознати видови морски ѕвезди од фамилиите "Brisingidae, Benthopectinidae и Paxillosidae".

Меѓу новооткриените организми има и бројни нови видови ракови — изоподи и амфиподи — а дел од собраниот материјал сè уште се анализира, бидејќи може да укаже на постоење на целосно нова фамилија амфиподи.

Идентификувани се и ретки полжави и школки адаптирани на вулкански и хидротермални средини, како и потенцијално нов вид црн корал. Во големите длабочини бил забележан и т.н. „зомби црв“ (Osedax sp.) — вид без уста и дигестивен систем, кој преживува благодарение на бактерии што ги разградуваат мастите од коските на големи морски ’рбетници, како китовите. Иако овие „зомби црви“ не се непознати за науката, нивните појави се исклучително ретки поради екстремните длабочини на кои живеат.


Поглед во непознатиот океан

Напредната технологија — вклучувајќи високопрецизно мапирање на морското дно и „ROV“ камери со висока резолуција — им овозможила на истражувачите за првпат да ѕирнат во досега неистражените делови на океанот.

„Нашата заедничка мисија со "Ocean Census" — да го забрзаме процесот на откривање — резултираше со првите потврдени снимки на млада колосална лигња и со откритија на нови видови“, изјави Џиотика Вирмани, извршна директорка на „Schmidt Ocean Institute“.

И покрај бројните откритија, Јужниот Океан останува речиси непознат свет.

„Досега анализиравме помалку од 30 проценти од примероците собрани за време на оваа експедиција, а веќе имаме потврдени 30 нови видови. Тоа само покажува колку е биодиверзитетот на океаните сè уште недоволно истражен“, заклучи Мишел Тејлор, раководителка на научниот тим на "Ocean Census".