Мечките во Јапонија влегуваат во продавници и училишта, напаѓаат луѓе: се воведуваат драстични мерки

Макфакс

31/10/2025

09:59

214

Големина на фонт

а а а

Јапонската влада планира да ангажира ловци за да го намали бројот на мечки по наглиот пораст на нападите врз луѓе и зголемениот страв кај јавноста оваа година, објавува Би-Би-Си.

Министерството за животна средина соопшти дека ќе издвои средства за ангажирање лиценцирани ловци и други експерти за справување со мечките кои сè повеќе влегуваат во населени области и напаѓаат луѓе.

Одлуката е дел од мерките договорени на високо ниво откако владата одржа состанок за растечкиот проблем со мечките. Само оваа година, 12 лица се убиени во напади од мечки – најмногу откако Јапонија почна да води официјална евиденција на почетокот на 2000-тите.

Меѓу жртвите се доставувач на весници на островот Хокаидо и 67-годишен маж пронајден мртов во својата градина во префектурата Ивате. Владата ги опиша мечките како „сериозна закана за јавната безбедност“ и размислува да им дозволи на полицијата да пука во мечки со нивното службено оружје. Службениците имаат рок до средината на ноември да ги финализираат сите мерки за спречување на нападите.

Оваа година мечки беа видени како провалуваат во супермаркети и средни училишта и напаѓаат жители во секојдневни ситуации. Јапонија е дом на два вида мечки: јапонската црна мечка и поголемата, обично поагресивна кафеава мечка што живее на островот Хокаидо.

Повеќе од 100 лица се повредени во нападите, вклучувајќи и странски турист кој беше нападнат во близина на автобуска станица во популарна туристичка област.

Најмногу инциденти имало во префектурата Акита, позната по своите огромни планински венци во северна Јапонија. Тамошните власти оваа недела објавија дека Јапонските сили за самоодбрана ќе бидат повикани да им помогнат на локалните власти да ги фатат и одвратат мечките. „Животот на луѓето и егзистенцијата се во опасност“, изјави во вторникот министерот за одбрана Шинџиро Коизуми, според новинската агенција Кјодо.

Според сегашниот закон, на војниците не им е дозволено да пукаат во мечки, но можат да им помогнат на ловците да поставуваат стапици и да транспортираат заробени животни.