Изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп за нуклеарните тестови влијаат на стратешката стабилност и не би било добро таа да се влоши, изјави денес секретарот на рускиот Совет за безбедност, Сергеј Шојгу.
„Што се однесува до стратешката стабилност, ова сигурно, влијае на стратешката стабилност. И не е пожелно во овој поглед да станува сè полошо и полошо“, рече Шојгу на прес-конференција, објави денес РИА Новости.
Тој рече дека нуклеарните тестови се спроведуваат секојдневно и со несмалена брзина во секоја земја, но дека тоа не се физички тестови, туку се базираат на математички модели. „Тестирањето никогаш не престанало во ниту една земја, ниту еден ден, ниту еден час. Сепак, се фокусираше на употребата на компјутерска технологија и не стануваше збор за физички тестови, туку за математички модели“, рече Шојгу.
Според него, ваквите тестови се неопходни.
„Ваквите тестови се спроведуваат затоа што сето ова бара постојано внимание и постојано подобрување“, истакна Шојгу, пренесува Танјуг.
Тој додаде дека руските полигони за нуклеарни тестови се подготвени за употреба во секое време.
„Секогаш сме ги држеле нашите полигони за обука во состојба на подготвеност за да можеме да ги користиме во секое време, доколку е потребно“, рече Шојгу.
Тој рече дека ракетните системи „Буревестник“ и „Посејдон“ не требало да бидат изненадување, бидејќи рускиот претседател Владимир Путин ги најави во 2018 година.
„Ако кажеме дека нашето ново оружје, мислам на „Буревестник“ и „Посејдон“, дошло како изненадување, тогаш можам да кажам едно – немало изненадување во тоа. Владимир Владимирович го кажа ова од говорницата за време на неговото обраќање пред Федералното собрание во 2018 година. Работата е што можеби некои луѓе тогаш не верувале. Сега ќе мора да веруваат“, рече Шојгу.
 
                                









