Во овие избори се случи, мислам дека, преседан кој никогаш не се случил досега. Во моментот кога јавноста сосема ги имаше вперено своите очи во два кандидати, да бидеме реални, цела Македонија гледаше кон трката за Скопје – кога бевме јас и Орце Ѓорѓиевски најрелевантни во јавниот дискурс, мене ми беше обелоденет ЕМБГ, што е длабоко класифициран податок за нашите граѓани и тоа е нешто што не се случило досега. Тоа е страшна злоупотреба и е кривично дело. И тоа не само што е кривично дело, туку е во отежнети околности, одговори на новинарско прашање кандидатот за градоначалник од Левица за Град Скопје, Амар Мециновиќ на денешната прес – конференција.
На новинарско прашање дали Мециновиќ смета дека институции работеле во корист на неговиот противкандидат, тој даде дополнително образложение:
,,Која институција се обиде да превенира таква ситуација? Која институција изреагира откако се случи таква ситуација? Ова е прашање на човекови права. Ова е прашање на правата кои ги имаме ние пред државата. Ова е прашање на тоа дека имаме неморална, неетичка, социопатска политика која живееме триесет години. Ние живееме во социопатска политичка култура, која се наметнува. И го нагласувам за сите нас, а не за мене индивидуално. Освен инцидентот со ЕМБГ, имаме уште низа измислици, шпекулации, напади по интегритет, напади по семејство, по луѓе кои не беа инволвирани во оваа кампања. Сето тоа ќе биде пропратено со тужби и со кривични пријави, така што тоа е нешто што ќе го правиме од понеделник. Сега засега е нешто што го искомунициравме и со ОПСЕ и со меѓународни инстанции, така што тоа се случи, но е само наш дополнителен поттик”.
Мециновиќ го спомена и стравот од табу, поради кој, обично, се игнорирани овие работи.
,,Во моментот кога ќе се освестиме дека за оние кои нè владеат, дека не постои табу, дека не постои морална граница, тогаш и ние ќе се ослободиме. И допрва ако го направиме тоа, ние можеме да очекуваме демократизација на атмосферата и на процесите. Никогаш веќе да не ни се повторуваат избори и процеси на одлучување кои ќе бидат длабоко, под влијание на оние кои имаат моќта. Моќта е во институциите и сите институции беа впрегнати во победа на Орце Георгиевски”, додаде Амар Мециновиќ.
Тој дообразложи и на каков начин смета дека институциите работеа во интерес на неговиот противкандидат.
,,Орце Георгиевски ги имаше сите пари на негова страна, сите привилегии за рекламирање. На крај, нè уценуваа како граѓани, ако не победи Орце, па ќе живеете во смет. Сè доби човеков. Неговиот тим вади лични документи. Тоа е нивната политика на служби, на бизниси, на репресија. Нашата политика е политика на комуникација со јавноста. Ние знаете како функционираме. Ние функционираме вака, во разговори со вас и на социјалните медиуми. Тоа е нашата комуникација. Нивната комуникација е структурирано насилство. Ова што се случи овие избори е структурно насилство, преку институциите и преку, механизмите за владеење”, рече Мециновиќ.
 
                                









