Северна Кореја повторно ги отвори своите граници за туристи, првпат по пет години целосна изолација поради пандемијата на коронавирусот.
И додека земјата на Ким Џонг-ун и понатаму предизвикува стравопочит и недоверба ширум светот, една жена одлучила да открие што навистина се крие зад затворените врати на една од најзатворените држави во светот.
Земја под строг надзор
Северна Кореја веќе со децении е синоним за диктатура и пропаганда. Ким Џонг-ун е познат по своите застрашувачки тактики и демонстрирање на нуклеарна моќ. Да се посети Северна Кореја и понатаму е исклучително тешко, а туристите кои сепак ќе успеат да добијат дозвола мора да ги почитуваат строгите правила, вклучувајќи го и задолжителното поклонување пред монументалните споменици на поранешните лидери.

Земјата сега ги отвори границите за речиси сите, освен за државјаните на САД. Дури е отворено и ново летувалиште на источниот брег, иако засега таму престојувале само руски туристи.
Познатиот патописец и јутјубер Дру Бински, кој ја посетил Северна Кореја пред десет години, овојпат не можел да влезе поради своето американско државјанство. Поради тоа, ја испратил својата пријателка од Латвија, која на неговиот YouTube-канал го документирала своето искуство од Пјонгјанг.
„Сè е исто како и пред десет години“
Бински во видеото објаснил дека ништо не се променило од неговата посета во 2015 година – туристите и понатаму постојано се под надзор на водичи кои ја претставуваат Работничката партија на Кореја. „Сè уште не смее да се напушта хотелот, ниту да се прави нешто што не е однапред договорено и одобрено“, рекол Бински.
Сепак, постои начин барем привидно да се почувствува слобода – со учество на Пјонгјанг маратонот. „Ако трчате на маратонот, ви е дозволено утринско трчање надвор од хотелот без водич,“ додал тој. Латвијката рекла дека „буквално немало никого“ на улиците додека трчала, но, како што вели, веднаш ја побарале штом не се појавила на појадок.
Строги правила и чудни ситуации
За време на обиколката на градот, туристите мора да положат цвеќе и да се поклонат пред главниот споменик на водачите. Пропагандни плакати и сувенири се продаваат во официјалните продавници, а секој оброк и пијалок се внимателно испланирани.

Но, најнеобичниот момент се случил по вечерата. „Беше петок, околу девет часот навечер. Одевме по улицата кога одеднаш почна да свири гласна корејска музика. Дали тоа беше случајност или претстава за нас? Никогаш нема да дознаеме,“ опишала неговата пријателка.
Таинственост што трае
Иако Северна Кореја повторно ги отвори границите, земјата и понатаму останува исто толку таинствена. Дури ни оние што ја посетиле не можат со сигурност да кажат што е вистина, а што внимателно режирана претстава за странските очи.









