Поларната светлина во полн сјај: Оваа зима, спектакл на небото како никогаш досега

Точка

28/10/2025

17:16

513

Големина на фонт

а а а

Магичната аурора бореалис (северна светлина) би можела да го изведе својот најспектакуларен изглед во последните 10 години оваа зима, бидејќи сончевата активност го достигнува својот врв.

НАСА минатата година потврди дека Сонцето влегува во максималната фаза од својот 11-годишен сончев циклус, кој треба да трае до март 2026 година, пишува „Јуроњуз“.

„За време на сончевиот максимум, бројот на сончеви дамки, а со тоа и количината на сончева активност, се зголемува. Ова зголемување на активноста дава возбудлива можност да дознаеме повеќе за нашата најблиска ѕвезда – но исто така има реални последици врз Земјата и низ целиот сончев систем“, објаснува Џејми Фејворс, директор на Програмата за вселенско време во седиштето на НАСА.

Сончевата активност може силно да влијае на условите во вселената познати како вселенско време, што може да го наруши работењето на сателитите, радио и Џи-пи-ес системите, како и електричните мрежи на Земјата.

Исто така, може да ја зголеми видливоста на северната светлина, што доведе до зголемен број патници оваа зима кои ги планираат своите патувања прецизно за да се совпаднат со појавата на аурората.


Најбараното туристичко искуство

Зголемената сончева активност ја претвори северната светлина во едно од „најбараните патнички искуства на деценијата“.

Јарослав Грабчак од туристиќка агенција „е-скај груп“ вели дека овој „настан од листата на животни желби“ предизвикал исклучително голема побарувачка за бројни дестинации на север – дури и ако цените скокнале.

„Во пракса, ова значи дека дури и значителното зголемување на цените на летовите или сместувањето не ги одвраќа патниците. Патниците сега резервираат патувања до клучните дестинации за гледање на аурора до една година однапред. Нормално, ваквите резервации би се случиле само неколку месеци пред заминувањето“, објаснува Грабчак.

Поради оваа причина, туристичките експерти препорачуваат планирање однапред, со цел да се обезбеди место и да се контролираат трошоците, особено затоа што малите градови и оддалечените региони идеални за набљудување имаат ограничени сместувачки капацитети.


Кои се најдобрите земји за набљудување на северната светлина?

Во текот на зимската сезона 2024/2025, туристичката агенција забележа значително зголемување на интересот за патување во нордиските земји. Најголем раст на бројот на резервации е забележан за Финска – неверојатни 2.300 проценти.

„ Финска Лапонија нуди пријатно, речиси бајковито искуство, со можност да се гледа аурората од удобноста на стаклено иглу или да се комбинира потрагата по светла со посета на селото на Дедо Мраз во Рованиеми“, објаснува агенцијата.

Сепак, најголем вкупен број на тековни резервации е забележан за Исланд, каде што бројот на патници се зголемил за 2.200 проценти во изминатата година.

Официјалната сезона на северна светлина во Исланд трае од септември до март. Во овој период, деновите се кратки и темни – што значи дека туристите имаат повеќе време да ги набљудуваат светлосните феномени.


Гисли С. Бринјолфсон од „Исландер“ вели дека Исландската метеоролошка служба објавува прогноза за северната светлина со предвидувања за следните три дена, дозволувајќи им на посетителите да патуваат во области со поголема видливост.

Експертот препорачува излегување надвор од урбаните средини и изворите на светлосно загадување за да се зголемат шансите за гледање на аурората, иако најсветлите форми може да се видат и од градовите. Најдобро време за набљудување е помеѓу 21 часот и 2 часот наутро.

Резервациите за Норвешка се зголемија за 126 проценти, а земјата често се смета за една од најдобрите дестинации за гледање на северната светлина, особено на север.

„Тромзе нуди одлична комбинација од градски живот и лесен пристап до темните фјордови, што ги максимизира шансите за набљудување“,  наведува агенцијата.

Шведска, исто така, очекува зголемување на бројот на туристи – резервациите се зголемија за 91 процент. Атрактивноста на земјата лежи во сувата и чиста микроклима на Националниот парк Абиско и познатата станица „Аурора Скај“, која се смета за најсигурно место за набљудување благодарение на „сината дупка“ на чисто небо над регионот.