Опоравувањето од ураганот ќе бара многу повеќе ресурси отколку што има Јамајка, предупреди премиерот Ендру Холнес, додавајќи дека островот подготвил повеќеслоен одговор и треба да има доволно средства и хуманитарни залихи за првите две недели по ударот на ураганот, објави „Си-ен-ен“.
„Но, долгорочното и среднорочното опоравување ќе бараат помош“, додаде тој.
Холнес предупреди дека очекува обемни штети на патната инфраструктура, мостовите, одводните канали и можни штети на пристаништата и аеродромите.
Тој додаде дека на островот има 850 засолништа, што е доволно за повеќе од 20.000 луѓе.
Мелиса останува ураган од категорија 5 со постојани ветрови од 282 километри на час. Сепак, минималниот централен притисок на бурата се намали од 909 на 901 милибар, според најновите достапни податоци. Понискиот притисок значи посилна бура, па овие податоци сугерираат дека ураганот Мелиса би можел дополнително да се зајакне во наредните часови.
За споредба, ураганот Катрина, кој ги погоди Соединетите Американски Држави во 2005 година, имаше минимален притисок од 902 милибари.
Националниот центар за урагани на САД очекува центарот на ураганот Мелиса да помине над Јамајка и Куба, а потоа да продолжи покрај Ел Салвадор.
Американската поморска база Гвантанамо Беј на Куба е на очекуваната патека на ураганот Мелиса. Американската морнарица евакуираше околу 1.000 лица кои не се неопходни од базата, која стана позната по својот затвор каде што осомничените за тероризам беа држени под сомнителни околности во 2000-тите.
Околу 3.000 луѓе остануваат во базата.
„Внимателно го следиме движењето на бурата и преземаме сите потребни мерки за да ја осигуриме безбедноста на нашиот персонал и подготвеноста на нашите бази“, рече командантот Џон Хјуит.







