Трамп до Путин: Наместо да тестираш ракети, заврши ја војната во Украина

Макфакс

27/10/2025

17:41

178

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп остро реагираше на веста дека Русија успешно ја тестирала новата крстосувачка ракета на нуклеарен погон „Буревестник“, пренесе „Еуроњуз“.

„Тој (Путин) треба да го заврши војната. Војната што требаше да трае една недела сега влегува во својата четврта година. Тоа треба да го направи, наместо да тестира ракети,“ изјави Трамп од претседателскиот авион „Ер форс уан“.

Руското Министерство за одбрана претходно објави дека тестирањето било успешно и дека ракетата, според шефот на Генералштабот Валериј Герасимов, прелетала 14.000 километри за 15 часа.

Трамп го нарече тестот „непримерен“ и предупреди дека Москва е свесна за американската нуклеарна подморница која е многу блиску до нивниот брег.

Според анализата на експертот Џон Харди од Фондацијата за одбрана на демократиите, ракетата „Буревестник“ со нуклеарен погон би можела да има „практично неограничен дострел“, но ја оцени како „непотребен трошок“ што ја оптоварува руската војска.

„Ројтерс“ потсетува дека клучниот договор за ограничување на нуклеарното вооружување — „Нов СТАРТ“ — истекува на 4 февруари 2026 година, што дополнително ги зголемува тензиите меѓу Москва и Вашингтон.