Марселино Гарсија Торал одново создаде респектабилна и стабилна екипа во редовите на Вилјареал, а како тренер кој е многу сакан во Валенсија, вчера имаше свое враќање на „Месталја“.
Иако пристигна како ривал, Марселино доби топол пречек од сите навивачи на Валенсија, па откако извојува и победа од дербито со резултат 0:2, се стави во кожа на сите симпатизери на клубот и испорача искрен рафал кон сопственикот на клубот.
Питер Лим со ужасното менаџирање и политиката која ја води направи од Валенсија тим кој секоја година се бори за опстанок во Ла Лига, а Марселино како тренер кој ја донесе последната титула за „лилјаците“ си даде за право да распали по човекот од кој доби неоправдан отказ пред шест години.
– Благодарен сум за начинот на кој ме пречекуваат на „Месталја“, а сите ние кои сме доживеале убави работи тука, знаеме дека овие навивачи не го заслужуваат ова.
🎥💥 @Marcelino CONTUNDENTE en rueda de prensa
— Tribuna Deportiva (@TribunaVCF) October 25, 2025
“Es una pena. Esto es así porque el dueño quiere que sea así. Es una falta de respeto a la afición y a la historia del club” pic.twitter.com/EtOWk9uIDC
– Ситуацијата во Валенсија е тажна за сите, но дојде до оваа ситуација поради тоа што газдата смета дека тоа е добро. Фудбалерите не се виновни за оваа ситуација, газдата со ваквото раководење покажува непочит кон фудбалската историја која ја има Валенсија како клуб. Оваа публика не го заслужува ова, но ги охрабрувам да продолжат да го бодрат тимот и да веруваат во овие играчи, – изјави Марселино.
Со вчерашниот пораз, Валенсија падна на 16-то место на табелата со само девет освоени бода, а лоша вест за „лилјаците“ е тоа што во следната рунда му гостуваат на Реал Мадрид.









