– Живееме во Ириг, во тешки услови. Куќата не е завршена, нема ни бања, ни туш. Се е само ѕидано од тула, без малтер … Ни крадеа работи што луѓето ни ги подаруваа. Практично живееме во буре.
Мирослав Живковиќ некогаш беше еден од најголемите фудбалски надежи на поранешна Југославија. Играл во истата генерација со легенди како Владимир Југовиќ и Синиша Михајловиќ, а неговото име во младинските денови се изговарало со особено почитување. Денес, животот на овој поранешен талент од Нови Сад е далеку од славните денови.
„Живеам од срамна пензија од 15.000 динари. Сопругата работи, а ние преживуваме од нејзината плата и мојата пензија – вели Живковиќ во емотивен разговор за „Радио Београд“. – Живееме во Ириг, во тешки услови, куќата не е завршена, нема бања, ниту туш. Куќата е недовршена, ѕидана со тули, но ништо не е малтерисано … Ни крадеа работи што луѓето ни ги подаруваа. Практично живееме во буре.

Од Вембли до сиромаштија
Роден во 1970 година во Белград, Живковиќ со семејството веќе следната година се преселил во Нови Сад, каде што започнал со фудбал во младинските категории на „Војводина“. Како тинејџер важел за исклучителен талент, што го потврдил во 1985 година кога со кадетската репрезентација на Југославија настапил на легендарниот „Вембли“.
„Игравме пред 100.000 луѓе, во предигра на финалето на ФА купот меѓу Манчестер Јунајтед и Евертон – се присетува тој. „Бев прогласен за најдобар играч на натпреварот. Ми пријде Боби Чарлтон и ми рече дека сум генијален талент. Тоа се моменти што не се забораваат“.
По враќањето дома, Живковиќ продолжил во Војводина, а потоа и во воената селекција, каде делел соблекувална со бројни познати имиња на тогашниот југословенски фудбал.
Со почетокот на деведесеттите години, во време на војната и економската криза, бил принуден да ја напушти земјата.
„Сè се распаѓаше, платите беа мизерни. Отидов на печалба и завршив во Грција, во второлигашот „Науса“, каде што веднаш се изборив за место во стартната постава – раскажува Живковиќ.

Болеста што му го променила животот
Иако сè започнало идеално, неговото здравје брзо почнало да се влошува.
„Се префорсирав со тренинзи и сауни. Одеднаш почнав да губам сила, да добивам на тежина, косата ми паѓаше, не можев да дишам. Почнав да чувствувам дека умирам“, вели тој.
По низа погрешни дијагнози во Србија и Грција, последната надеж ја побарал во САД, кај докторот Рајко Меденица.
„Дури таму ми открија дека боледувам од порфирија, ретко метаболичко нарушување што ги погодува само двајца на 100.000 луѓе – вели Живковиќ.
Од тогаш, неговиот живот се претворил во постојана борба. Болеста физички го исцрпела и му го оневозможила секој облик на работа. Со текот на годините, се повлекол во мирен живот со сопругата, посветен на животните и фотографијата.
„Бев уметнички фотограф, имав изложби и награди. Болеста ме прикова за кревет. Сега тешко одам, но се трудам да останам позитивен“, додава Живковиќ.
Од вундеркинд кој играше на Вембли, до човек кој денес живее во сиромаштија и болка, приказната на Мирослав Живковиќ е потсетник на тоа колку животот може да се промени – и колку поранешните херои на спортот често остануваат заборавени.










