Кравите одгледувани да произведуваат помалку метан при подригнување би можеле да се покажат како важен сојузник во борбата против климатските промени, изјави професорот Мајк Кофи од Шкотскиот рурален колеџ.
Кофи рече дека телињата родени во програмата за одгледување „Кул крави“ произведуваат два отсто помалку метан од нивните родители, пренесе Скај њуз.

„Тоа е трајно и кумулативно. Значи, откако ќе добиете животно кое произведува помалку метан, тоа произведува помалку во текот на целиот свој живот. Кога кравата ќе ја спарите со бик кој произведува помалку метан, нејзиното потомство произведува уште помалку отколку што произведува таа. И така само продолжувате и продолжувате. Во текот на 20 години, можете да го намалите и за 40 отсто“, објаснил Кофи.
Во Велика Британија, според процените на научниците, земјоделството учествува со десет отсто во емисиите на стакленички гасови, а девет милиони крави и телиња во таа земја даваат значаен придонес во тоа.

Според Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации, кравите и другите домашни животни произведуваат најмалку 12 отсто од глобалните емисии на метан.






