Ништо од планираните милиони, Барселона се „дави“ во долгови

Макфакс

23/10/2025

14:33

639

Големина на фонт

а а а

Откажувањето на натпреварот што Барселона требаше да го игра во Мајами со Виљареал му нанесе тежок финансиски и маркетиншки удар на каталонскиот клуб, кој веќе ги започна подготовките за патување во САД.

Натпреварот беше планкиран како промотивен на шпанската Ла Лига и шпанскиот фудбал во Северна Америка, поради што лигата силно го поддржа неговото одржување.

За Барселона, средбата претставуваше важен стратешки чекор во зајакнувањето на нејзиното присуство на американскиот пазар, со конкретни продобивки во делот на финансиите и имиџот на клубот.

Ова требаше да биде важен финансиски поттик за Каталонците, кои со години се во проблеми и им должат речиси 160 милиони евра на други клубови за трансфери, а доколку не платат 140 до крајот на сезоната, нема да можат да носат и регистрираат нови засилувања.

Според проценките, Барселона би можела да заработи помеѓу пет и шест милиони евра од организаторите на настанот, иако точната сума не беше утврдена бидејќи зависеше од неколку фактори.

Еден од нив беше приходот од продажба на билети.

До моментот на откажувањето, околу 70.000 билети беа резервирани за натпреварот на стадионот „Хард Рок“, што би претставувало историски рекорд за интерес за фудбалски дуел во тој објект.

Сè укажуваше на распродаден стадион и спектакл што ќе привлече внимание низ целите САД. Покрај приходите од билети, клубот сметаше и на приходи од промотивни активности на спонзорите.

Главниот партнер на Барселона, „Spotify“, веќе планираше серија маркетиншки настани што ќе го придружуваат престојот на тимот во Америка.

Финансиската институција „Goldman Sachs“, со која Барселона има силна соработка, исто така покажа интерес.

Банката планираше да ги вклучи своите клиенти во серија настани, не само во Мајами, туку и во Лос Анџелес, Њујорк и Сан Франциско.

Сите овие активности заедно би можеле да му донесат на клубот значителна економска корист, иако помала од онаа што би била обезбедила со играњето на натпреварот. Од спортска страна, натпреварот би донел и одредени предности за Барселона.

Наместо да гостува кај Виљареал на стадионот „Ла Серамика“, тимот би играл на неутрален терен.

Сепак, оваа „неутралност“ би била само формална, бидејќи организаторите очекуваа дека најголем дел од гледачите би биле навивачи на Барселона.

И токму овој фактор беше главниот повод за големиот протест на играчите и клубовите од Ла Лига, особено од редовите на најголемиот ривал Реал Мадрид.

„Тоа е јасно кршење на правилата на натпреварувањето. Сите тимови нема да се натпреваруваат во исти услови“, коментираше 33-годишниот капитен на Реал Мадрид, Дани Карвахал, по најавата за натпреварот во Мајами.

Поради притисокот од јавноста, Ла Лига го откажа спектаклот во Мајами.