„Не може да се исклучи една мрачна хипотеза“: Разузнавачки експерт ја изнел најверојатната теорија за историската кражба во Лувр

Точка

22/10/2025

18:24

1.898

Големина на фонт

а а а

Во еден од најпознатите музеи во светот, парискиот Лувр, оваа недела беше извршена кражба како од филм – сцена ретко видена дури и на екран. За само неколку минути, од музејот исчезнаа осум скапоцени парчиња накит со непроценлива историска и уметничка вредност.

Разузнавачкиот аналитичар Клод Монике изјави за каналот „News“ дека зад кражбата најверојатно стои меѓународна мрежа на организиран криминал.

Иако истрагата сè уште е во тек, експертите веќе шпекулираат околу можните мотиви и организираноста на спектакуларната кражба во Лувр.

Разузнавачки експерт со „мрачна хипотеза“

„Не може да се исклучи можноста дека станува збор за дело на меѓународна група, имајќи предвид дека трговијата со уметнички дела е трета најпрофитабилна криминална активност во светот – по трговијата со дрога и оружје“, истакна Монике.

Тој смета дека оваа теорија е најреална, бидејќи украдените предмети имаат огромна пазарна вредност, додека казните за вакви кривични дела се неспоредливо поблаги од оние за шверц на наркотични средства.


Сепак, Монике изнесе и „помрачна хипотеза“ – дека крадците би можеле да бидат мотивирани исклучиво од материјалната вредност на накитот. Доколку благородните метали и скапоцени камења се стопат, културното наследство би било засекогаш изгубено.

„Тоа би било трагедија, бидејќи со топење на накитот би се уништил непроценлив дел од културната историја на Франција“, предупреди експертот.

Според неговите зборови, пореално е дека украдените скапоцености ќе се користат како „колатерал“ меѓу криминални групи за финансирање на поголеми операции, вклучително и глобален тероризам.

Аудио-снимка ја открива клучната улога на обезбедувањето

Нова аудио-снимка објавена утрово од францускиот канал „BFMTV“ открива дека брзата реакција на обезбедувањето и полицијата во Лувр спречила поголема кражба во галеријата „Аполон“.

Според изјавата на директорката на службата за прием на посетители и надзор во музејот, Доминик Бифен, благодарение на присуството и интервенцијата на „одреден број агенти“, провалниците биле принудени на бегство.


„Со тоа што ги натераа да побегнат, агентите ги принудија да ја остават зад себе круната на царицата Евгенија“, им соопштила Бифен на вработените во музејот, што може да се чуе на снимката до која дојде „BFMTV“.

Кражбата се случи во неделата, а на четворица провалници им биле потребни помалку од четири минути – поточно три минути и 58 секунди – да ги украдат царските скапоцености од една од најценетите галерии во музејот.

Вратите на Лувр повторно отворени за посетители

Вратите на Лувр денеска повторно се отворени за посетителите – првпат по кражбата во неделата, кога четворица провалници украдоа осум вредни предмети, предизвикувајќи штета проценета на 88 милиони евра.

Веќе од 9 часот изутрина, во вообичаеното време за отворање, првите посетители почнаа да влегуваат во најпосетуваниот музеј во светот.


Галеријата „Аполон“, каде што се случи кражбата, сè уште останува затворена за јавноста. Луѓето кои чекаат пред влезот се со однапред купени билети.

„Музејот беше распродаден за целата недела. Посетителите кои не успеаја да влезат поради ненадејното затворање можеа да побараат враќање на средствата. Малку е веројатно дека сега може да се набават нови билети“, изјави претставник на музејот.