„Денови на македонската литература за деца“ во македонскиот КИЦ во Белград

Точка

22/10/2025

19:38

319

Големина на фонт

а а а

Од 23 до 25 октомври 2025 година ќе се одржи литературната манифестацијата „ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКАТА ЛИТЕРАТУРА ЗА ДЕЦА 2025“ во Македонскиот КИЦ во Белград.

За таа цел на 23.10.2025 година во 18.00 часот во македонскиот културно - информативен центар во Белград ќе се одржи литературна манифестација на која воведно обраќање ќе имаат: директорот на КИЦ на РСМ во Белград, проф. д-р Васко Шутаров и програмскиот уредник на проектот м-р Ели Маказлиева.

На манифестацијата ќе има презенатција за значењето на литературата за деца како предизвик и императив, а ќе бидат претставени неколку автори-писатели за деца и ќе бидат промовирани нивните најнови книги во издание на носителот на проектот и организаторот - издавачката куќа ЕДУКА МАК.

Книгата за деца „ПЧЕЛИЧКАТА БАЗ“ избрана на конкурсот за наградата „ЛИТЕРАТУРНИ ПИШУВАЛКИ – ПАТУВАЛКИ 2025“ ќе биде промовирана од страна на претседателката на жири комисијата проф. д-р Елизабета Бандиловска, а на авторката БИЛЈАНА ЛОТЕСКА ќе ѝ биде врачена плакета.


На сите учесници и соработници во проектот ќе им бидат доделени признанија и благодарници. Носителот на проектот и организатор ЕДУКА МАК на манифестацијата ќе подари 100 книги на Македонскиот културно- информативен центар во Белград.

Програмата за оваа манифестација е богата со настани и програмски активности што ќе се реализираат и во текот на наредните два дена на 24 и 25.10.2025.

Меѓу другото учесниците ќе ја посетат предучилишната установа „САВСКИ ВЕНАЦ“ - градинката „ЦАРИЦА МИЛИЦА“, ќе разменат искуства за користење на литературата за деца, ќе промовираат изданија за предучилишна возраст, ќе доделат подароци со национални обележја, книги за децата и ќе реализираат работилници, промоции и презентации.

Учесниците ќе разменат искуства и ќе остварат средби со писатели од Србија и српски издавачки куќи на Меѓународниот саем на книгата во Белград на 25.10.2025, каде ќе реализираат меѓусебни договори за размена и превод на книги за деца.

Преку проектот„ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКАТА ЛИТЕРАТУРА ЗА ДЕЦА 2025“ во КИЦ на РСМ во БЕЛГРАД се афирмира домашното литературно творештво и се придонесува за збогатување на културната размена помеѓу Македонија и Србија. За таа цел планирано е да се потпише МЕМОРАНДУМ за меѓусебна соработка помеѓу „ЕДУКА МАК“ и српската издавачка куќа „ПЧЕЛИЦА“со цел размена на права и лиценци за превод на книги за деца од македонски на српски јазик и обратно.

Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на РСМ.