Берлински процес во Лондон: Средба на Муртезани со британскиот министер за Европа, Доти

Макфакс

22/10/2025

14:16

147

Големина на фонт

а а а

Министерот за европски прашања на Република Северна Македонија, Орхан Муртезани, денеска во Лондон, оствари билатерална средба со државниот министер за Европа, Северна Америка и прекуморските територии на Обединетото Кралство, Стивен Доти, на маргините на Конференцијата на високо ниво за Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес. Средбата претставуваше можност за потврдување на континуираната поддршка што Обединетото Кралство ѝ ја пружа на Северна Македонија во процесот на европската интеграција, како и за продлабочување на соработката во рамките на стратешкото партнерство меѓу двете земји.

Министрите Муртезани и Доти разменија мислења за најактуелните политички случувања во регионот на Западен Балкан и за значењето на Берлинскиот процес како клучна политичка и развојна рамка која повеќе од една деценија придонесува за зајакнување на регионалната соработка, економската поврзаност и усогласувањето со европските стандарди. Министерот Муртезани ја потенцираше важноста на оваа иницијатива како механизам кој овозможува конкретни проекти во областа на инфраструктурата, енергетската транзиција, зелената агенда, дигиталната поврзаност и социјалната кохезија, нагласувајќи дека Северна Македонија останува цврсто посветена на целите на Берлинскиот процес и на европската иднина на целиот регион.

Посебен акцент на разговорот беше ставен на билатералната развојна соработка, која претставува еден од најзначајните столбови на стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство. Министерот Муртезани се заблагодари за континуираната британска поддршка, која во изминатата деценија резултираше со спроведување на над 160 проекти финансирани од британскиот буџет во различни области: од добро владеење, јавна администрација, и владеење на правото, до промоција на мултикултурализмот и инклузијата. Истовремено беше истакната и успешната соработка во рамките на TWINNING проектите со британски партнери во областа на полициските реформи, контролата на државната помош и зајакнувањето на институционалните капацитети за еднаквост и правична застапеност. Министерот посочи дека британската поддршка во кризни периоди, како за време на мигрантската криза и пандемијата со COVID-19, е доказ за трајното пријателство и партнерство меѓу двете земји.

Државниот министер Доти ја реафирмираше посветеноста на Обединетото Кралство на стабилноста, развојот и европската перспектива на Северна Македонија и поширокиот регион, истакнувајќи дека и по напуштањето на Унијата, ОК останува силен поддржувач на европската интеграција на Западен Балкан. Во тој контекст, тој ја поздрави динамиката на реформските процеси во земјата и ја потврди подготвеноста за натамошно проширување на партнерството, особено во областа на инфраструктурата, енергетската безбедност и дигиталната трансформација.

Муртезани и Доти констатираа дека воспоставеното стратешко партнерство претставува ново поглавје во билатералните односи, кое ќе овозможи понатамошно продлабочување на политичкиот дијалог, заедничките проекти и координираните активности во рамките на НАТО, Берлинскиот процес и европските интегративни иницијативи.