Во Австралија, научниците откриле два нови вида морски животни – полупроѕирен рак со големина на бадем и мала светлечка ајкула.
Меѓу стотиците примероци што научниците ги собрале за време на истражувачкото патување се најде и новоопишаната западноавстралиска светлечка ајкула, која може да порасне до 40 сантиметри, а била пронајдена повеќе од 600 метри под површината на океанот, пренесе Би-би-си.
„Ајкулите што светат се биолуминисцентни, а светлината ја создаваат фотофори, органи на нивниот стомак и страничните делови, од каде што доаѓа и нивното име“, рече ихтиологот Вил Вајт.
Откриен е и нов вид „порцелански“ рак, долг околу 15 милиметри, кој бил пронајден на околу 122 метри под нивото на морето.
Наместо канџи, тие користат влакна за да зграбат храна, покажале резултатите од откритието.
„Порцеланските ракови се хранат со планктон користејќи модифицирани делови од устата со долги влакна за да пребаруваат во водата за мали парчиња храна како што е планктон, наместо типичниот метод на раковите – зграпчување и штипкање храна со канџите“, рече д-р Ендру Хози, кустос на Одделот за водни видови во Музејот на Западна Австралија.
На крајот од 2022 година, научниците од австралиската научна агенција „CSIRO“ започнале истражувачко патување во морскиот парк Гаскојн, на околу 20 километри од брегот на Западна Австралија. Во таа прилика, тие откриле околу 20 нови видови, вклучувајќи мал црвен октопод, со големина од околу четири сантиметри.
Истражувачите проценуваат дека уште околу 600 видови сè уште не се опишани и именувани, бидејќи на научниците можеби ќе им бидат потребни години да соберат информации за да докажат дека примероците се уникатни.
Австралија, потсетува Би-би-си е еден од најголемите светски центри на биодиверзитетот, дом на повеќе од милион различни видови, од кои многу не можат да се најдат никаде на друго место на Земјата.