Најголема победа во првиот круг има Јане Мицевски во Сопиште со освоени 80,2% од гласовите, вети нов резервоар за вода

Макфакс

20/10/2025

19:29

310

Големина на фонт

а а а

Кандидатот за градоначалник на Сопиште од ВМРО-ДПМНЕ, Јане Мицевски, извојува најголема победа во првиот круг на овие локални избори со освоени 80,2% од гласовите на жителите со право на глас. Од запишаните 5.483 гласачи во оваа општина, на гласање излегоа 2.937 жители, а за него гласаа 2.524.

Тој на жителите на Сопиште им вети нов резервоар за вода, како еден од посериозните проекти на кои ќе работи во претстојниот мандат покрај многуте проекти за подобрување на инфраструктурата, спортот, образованието, безбедноста, транспортот и културата на кои рече дека активно ќе работи.

Мицевски на овие избори доби втор мандат од жителите на Сопиште. Тој и досега беше градоначалник на Сопиште. И во 2021 година во првиот круг беше избран за градоначалник со освоени 67,96% од гласовите кога за него гласаа 2.161 жител на општината.

Зад Мицевски со освоени 79,73% од гласовите е победата на Александар Георгиевски од ВМРО-ДПМНЕ во Илинден, кој исто така на овие избори доби втор мандат од граѓаните. Од вкупно запишани 14.908 гласачи, на гласање излегоа 7.746, а за него гласаа 6.386 граѓани.

И на претходните избори во 2021 година кога го доби првиот градоначалнички мандат, Георгиевски беше избран во првиот круг со освоени 54,75% од гласовите кога за него гласаа 4..861 жител на Илинден.

Меѓу тројцата градоначалници кои извојуваа најголема победа во првиот круг на овие избори е и Борче Митевски од ВМРО-ДПМНЕ, кој во Петровец доби петти мандат со освоени 77,43% или 3.493гласа. Во оваа општина се запишани 8.144 избирачи, а на гласање излегоа 4.410.

Убедлива победа има и Иван Јорданов од ВМРО-ДПМНЕ во Штип со освоени 76,74% од гласовите со што доби втор, последователен мандат.

Со 74% од гласовите победа во прв круг и втор мандат освои и Славе Андонов од ВМРО-ДПМНЕ во Василево.

Со убедлива победа трет мандат на овие избори освои Митко Јанчев кој доби 73,89% од гласовите, следуваат Марко Колев со освоени 73,34% од гласовите во Велес, Тодорче Николовски во Кратово со 73,2%, Киро Нацков во Градско со 71,92% од гласовите, Ристо Манчев во Босилово со 70,12 % од гласовите, а останатите градоначалници добија поддршка помала од 70% од гласовите.

Процентуално најголема поддршка вчера доби кандидатот на Алијанса за Албанците во Врапчиште, Исен Шабани. Тој според податоците од Државната изборна комисија доби 88,13 % од гласовите, но гласањето мора да се повтори поради мал одѕив на изборите На гласање излегле 24,41% од запишаните граѓани со право глас место една третина колку што пропишува Изборниот законик.

Во првиот круг избрани се градоначалници во 44 општини,а во останатите, како и во Град Скопје градоначалник ќе се бира во втор круг, на втори ноември.