Кога Мона Лиза била украдена од Лувр, крадецот две години ја чувал во својот стан: Еве како најславната слика на светот била вратена во музејот

Точка

20/10/2025

20:39

686

Големина на фонт

а а а

Вчерашното утро во Париз започна како сцена од филм – накити со непроценлива вредност беа украдени од Лувр, најпознатиот музеј на светот. Според француските медиуми, кражбата се случила помеѓу 9:30 и 9:40 часот, а извршителите – тројца или четворица – ја спровеле целата операција за само седум минути.

Со помош на скали, влегле директно во галеријата Аполо, скршиле две витрини и побегнале со дел од накитот од Наполеоновата колекција. Министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез потврдил дека се работи за предмети од „непроценлива вредност“, додека Лувр остана затворен поради „вонредни околности“.


Во 1911 година беше украдена Мона Лиза

Оваа филмска кражба веднаш потсети на едно од најпознатите злосторства во историјата на уметноста – кражбата на Мона Лиза од истиот музеј на 21 август далечната 1911 година. Тогаш во историјата влезе Винченцо Перуџа, Италијанец роден во северна Италија, кој во Париз работел токму во Лувр. Откако ја украл славната слика, се обидел да ја продаде, што на крај помогнало полицијата да го пронајде и да го врати уметничкото дело на неговото место.


Перуџа се преселил во Париз во 1908 година и се вработил во музејот на работи поврзани со одржување на уметничките дела. Во рамки на работата брзо го научил целиот опус, вклучително и за Мона Лиза, па добил идеја да ја украде. Тоа утро во 7 часот дошол во Лувр во бела работна униформа каква што носеле сите вработени. Почекал „Salon Carré“ да остане празен, ја симнал сликата од ѕидот, ги отстранил рамката и стаклото, а потоа ја завиткал во своето платно и мирно излегол од зградата.

Две години ја држел сликата во својот стан

Полицијата го испрашувала двапати, но во тоа време не бил осомничен. Две години подоцна Мона Лиза сè уште била во неговиот стан во Париз. Кога конечно се обидел да ја продаде сликата на галерија во Фиренца, сопственикот ја препознал и ги известил властите. Перуџа бил уапсен, а Мона Лиза вратена во Лувр, што предизвикало глобално воодушевување и целосно го променило нејзиниот статус.


Дотогаш позната само на љубителите на уметност, по кражбата станала најпознатата слика на светот. Лувр бележел рекордна посета, а нејзината таинствена насмевка станала симбол на музејот и на Париз. Перуџа, пак, тврдел дека го сторил тоа од „патриотизам“, сакајќи да го врати делото на Италија – но факт е дека обидот да ја продаде ги поткопува тие тврдења. Сепак, многумина му поверувале. Бил осуден на една година затвор, но бил ослободен по седум месеци.