[Точка интервју] „Рекет во Гостивар, следење во Кичево, киселина во колата“ - вистинската приказна на Борјан Илковски

Точка

20/10/2025

13:56

3.479

Големина на фонт

а а а

Приказната на Борјан Илковски, познат како ди-џеј Боно, е патување од детски сон до големите градски сцени. Од желбата да свири на гајда, преку првите забави во семејната куќа, па сè до пултовите на најпознатите македонски клубови – Боно ја раскажува својата вистинска приказна за истрајност, љубов кон музиката и верба во себе, дури и кога условите не биле на негова страна.

Детски сон што започнал со гајда

„Сè почна кога имав шест години. Најпрвин тропав по тенџерињата на мама, а подоцна… ех, подоцна, едно утро се разбудив со еден сон што му го пренесов на татко ми“, се сеќава Борјан.

„Му реков: Тато, јас сакам да свирам на гајда!“, раскажува низ смеа. „Татко ми зачудено ме праша – од кај знаеш ти што е тоа гајда? Му објаснив дека сонив дедо по име Петко, кој ми рече: ‘Јас сум ти прадедо, ова е гајда, ти ќе свириш гајда’“.


Тој сон бил пресуден. Без двоумење, татко му ја пренел приказната на дедо му, кој веднаш тргнал за Прилеп да му купи клепарка – првиот чекор кон реализација на детскиот повик.

„Подоцна дознав дека прадедо ми Петко навистина постоел – бил познат во Битолско Мариово по својот глас и по свирењето на гајда“, вели Боно.

Така започнува неговото патување со инструментот кој го изучувал кај најдобрите: Стевче Стојковски, Бајса, Ратко, Жељо Дестановски, професор Илија во Штип и професор Љупче.

Момчето со „смешниот“ инструмент

Во основното училиште „Кирил и Методиј“ во Скопје, наместо поддршка, добивал коментари и потсмев од соучениците.

„Сите ми велеа дека гајдата е стар, смешен инструмент и дека е срамота да свирам на неа. Искрено, тоа ме погоди. Почнав да се срамам од нешто што ми беше најблиско“, признава тој.


Во обид да најде нов начин да ја изрази љубовта кон музиката, почнал да експериментира со техниката – пуштање музика на родендени во својата населба, Ченто.

„Мама и тато не ми дозволуваа да одам далеку, па почнав сам да пуштам музика на ЦД-плеерите што ги имавме дома. Така, без да знам, почна целата моја ди-џеј приказна“.

Родендени, забави и првите искри на сцената

Семејната куќа станала симбол на добрата забава.

„Журките беа легендарни – доаѓаа од други населби, сите знаеја дека кај нас се најдобрите забави“, вели Боно.

Но, како што растел, така се менувале и околностите.

„На петнаесет години ја направивме последната журка. Тоа беше крај на едно детство, на едно поглавје…“.


Повторно кон гајдата и првите медиумски настапи

Иако ја оставил гајдата настрана, судбината го вратила кон неа.

„Добив покани од телевизии и уметници, па дури и од Зоран Џорлев за неговата емисија ‘Зајди, зајди’. Тој ми дозволи да присуствувам и на часови по фолклор во средното музичко ‘Луј’“.

Сепак, поради слабиот успех, не успеал да се запише таму, па продолжил во Штип, каде што конечно го прифатиле. Таму, професорката Бајса му помогнала да го совлада музичкото писмо.

„Бајса беше таа што ме описмени музички. Вечно сум ѝ благодарен“, додава Боно.


Од клубови до професионална сцена

Во Штип го открил клубот „Пирана“, каде што почнал да работи како ди-џеј на родендени.

„Направив повеќе од сто родендени. На шеснаесет години веќе заработував од музика“.

Кога се вратил во Скопје, добил шанса во „Trend Party Room“ – местото што ќе го лансира на сцената.


„Поставив рекорд – 63 родендени во еден месец! Тоа беше лудо време“.

Но, како што вели, „не сакал да биде само ди-џеј за деца“. Така почнал да настапува и во клубовите „Mood“ и „Privilege“, каде што ја освоил јуниор сцената и станал едно од најпознатите имиња кај младата публика.

Животната борба

Не секогаш било лесно.

„Имав период кога немав нови патики, ми протекуваше облеката, сè ми беше некако сиво. Се срамев да излегувам низ град, па целото време го поминував во Тренд“, признава.

Но токму таму дошла идејата што ќе му ја отвори следната врата.


„Почнав да канам јутјубери на моите забави – ЏП, Андреј, Давид Блек... и одеднаш сите зборуваа за тоа. Тогаш сфатив колку е моќна онлајн сцената“.

Боно и Давид Блек подоцна станале блиски соработници, снимајќи видеа и организирајќи настани кои станале хит меѓу младите.

Пресврт: Од сон до реалност

„Во тој период ја запознав Емилија – девојка која веруваше во мене. Таа ме запозна со Јане Јанев, Lollipop, и така почна новата ера“, вели Боно.


Настапувал низ Македонија, создавал концепти, соработувал со изведувачи од „Урбан Рекордс“ како Тракер, 2 Бона, Пајак и Лара,Таско, Јосиф.

„Со тие настапи ја освоив публиката. Конечно чувствував дека сето тоа вреди“.

Ментор и визионер

По многу настапи, формирал сопствена агенција за млади диџеи – Ritmo.

„Сакав да им отворам врата на младите што немаат поддршка. Со Мартин (Martin Kay) и Иле (DJ Freeky) почнавме нешто свое, а потоа ни се придружи и Tammy, која стана ди-џеј низ цела Македонија“.

Падови и подеми

„Имав и тешки моменти – рекет во Гостивар, следење во Кичево, па дури и ми истурија киселина во колата. Но ништо не ме сопре. Верував дека ако го преживеам сето ова, ќе бидам уште посилен“, искрено споделува Боно.


На дваесет години, неговите родители заминале во странство поради финансиски причини, оставајќи го сам во Скопје.

„Мораше сам да ги плаќам сметките и долговите. Тоа ме научи дека не треба да жалам за ништо – токму тие тешки години ме направија човек“.

Денес: Човек што не се откажува

Денес, ди-џеј Боно е име што публиката го препознава по позитивната енергија, по тоа што ги поврзува генерациите и по вербата дека сè може да се постигне со труд.


„Татко ми своевремено не можеше да ми купи миксета и ми рече: ‘Сине, немам сега’. Но со тоа што не ми купи миксета, ми купи сè – ме научи да се борам“, заклучува Боно.

Од гајда до пулт, од сон на шестгодишното дете до сцена со илјадници луѓе, ди-џеј Боно денес го живее она за кое многумина сонуваат. Неговиот пат е доказ дека талентот без истрајност е само половина приказна.

Автор: Ц.Н.