Се гледаме во вториот круг, рече Шукова и повика недела да биде празник на демократијата и на слободата на одлучување

Макфакс

17/10/2025

13:24

661

Големина на фонт

а а а

Кандидатката за градоначалничка на Скопје од СДСМ, Каја Шукова, ја заокружи кампањата за првиот изборен круг со повик до граѓаните да гласаат со срце и разум за единствената конкретна програма. Им се обрати и на противкандидатите и ги повика да придонесат недела да биде празник на демократијата.

„Само со гласање може да ги промените работите во Скопје и да го спасите Скопје по четири години уништување. Нашиот град не може да издржи уште четири години уништување, импровизации, партиски бизниси и некомпетентност. Во недела ве повикувам со срце и разум да гласате за единствената конкретна програма и понуда. Гласајте за вашиот дом, за бројот пет затоа што вие заслужувате чист, зелен и функционален град. За моите противкандидати, ве повикувам сите да придонесеме недела да биде празник на демократијата, на слободата на одлучувањето и почитување на волјата на нашите граѓани. Се гледаме во вториот круг“, рече Шукова.

Таа потсети дека нејзиниот план за Скопје е јасен – повеќе зелени површини, нови паркови и ботаничка градина, чист Вардар и безбеден сообраќај.

„Знаеме како да го направиме Скопје град што повторно ќе дише, ќе се движи и ќе живее подобро“, рече Шукова.

Повика скопјани да излезат на гласање и да се изборат за „нашиот дом“.