Очекувам победа во првиот круг, не за да добијам политичка круна, туку за да не се пролонгираат сегашната голгота и хаосот, рече Ѓорѓиевски

Макфакс

16/10/2025

13:11

267

Големина на фонт

а а а

Кадидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, е убеден во победа, а вели дека искрено очекува тоа да се случи уште во првиот круг. Вели дека победа во првиот круг очекува не за себе, туку поради граѓаните, оти пролонгирање на процесот за три недели ќе значи пролонгирање на голготата која сега се случува.

„Искрено, да, очекувам силна победа во првиот круг. Верувам во народот, верувам во граѓаните. Таа победа јас не ја барам и не ја очекувам поради себе, не ја очекувам за да добијам политичка круна од сето тоа. Де факто, во Скопје на сите им е јасно кој ќе биде победникот на овие избори, но победата во првиот круг би значела многу побрзо влегување во костец со проблемите. Каде и да погледнете околу нас, имаме мини депонии, околу сите микролокации со контејнери. Три недели пролонгирање на целиот процес ќе биде три недели повторно живеење во голгота и во хаос“ вели Ѓорѓиевски.

Победа во првиот круг рече дека бара и оти доаѓаат зимските месеци кога градот треба да се реорганизира и да не дозволи повторно возрасни лица, студенти и средношколци да чекаат со часови и да мрзнат на автобуските станици.

„Знаете дека сум работник и ќе дадам сè од себе многу бргу да ги средиме сите процеси, да ги нормализираме од првиот ден кога ќе влезам во Град Скопје. Пролонгирањето на три недели само ќе значи пролонгирање на целата голгота што се случува. Јас сум апсолутно свесен дека има кандидати како никогаш досега. Математички е изводливо ако народот реши на таков начин да постапи. Јас верувам силно во овој народ. Изминативе четири години покажав дека апсолутно во сите ситуации сум на страната на граѓаните, дека тие ми се приоритет, дека човекот ми е приоритет и така ќе функционирам во наредните четири години“, рече Ѓорѓиевски и ги повика и граѓаните, но и политичките партии, да му дадат поддршка за победа во првиот круг од изборите.

И денес ветуваше дека кога ќе стане градоначалник на Скопје, градот ќе блесне, односно покрај тоа што ќе го исчисти, ќе го реши и сообраќајниот хаос. Во првите шест месеци вети дека ќе се заврши мостот на „Љубљанска“ и поврзувањето од Карпош кон „Скупи“, на крајот од првата година од мандатот ќе заврши изградбата на клучката кај Момин Поток, веднаш по изборите рече дека ќе почне да ја проширува улицата Цветан Димов во Чаир за да има шест коловозни ленти, а истовремено ќе ги почне и кружните текови во центарот неопходни за да почне да функционира подземната сообраќајница под „Лимак“, како и првата фаза од булеварот Хрватска, кој ќе ги поврзе Гази Баба и Бутел и ќе го растовари метежот во Автокоманда.