Kинеските царински службеници во источната покраина Шандонг запленија пратка од 60.000 карти наменети за извоз, опишувајќи ги како „проблематични“ бидејќи погрешно го означиле островот Тајван, кој Пекинг го смета за дел од својата територија.
Покрај тоа, властите наведуваат дека мапите изоставуваат важни острови во Јужното Кинеско Море, каде што територијалните претензии на Пекинг се преклопуваат со оние на соседните земји, вклучувајќи ги Филипините и Виетнам, пишува „Би-Би-Си“.
Според официјалното објаснување, „проблематичните“ мапи не можат да се продаваат бидејќи „го загрозуваат националното единство, суверенитетот и територијалниот интегритет“ на Кина.
Географските мапи се чувствителна тема за Кина и нејзините ривали, особено кога станува збор за гребени, острови и карпи во Јужното Кинеско Море.
Кинеската царина објави дека таканаречената линија со девет цртички, по која Пекинг полага право на речиси целото Јужнокинеско Море, не е нацртана на спорните карти. Таа линија се протега стотици километри јужно и источно од најјужната кинеска покраина Хаинан.
Запленетите карти, исто така, не ја прикажуваат поморската граница меѓу Кина и Јапонија. Властите додадоа дека картите погрешно ја означиле покраината Тајван, но не прецизираа точно во што се состои грешката.
Кина го смета Тајван за своја територија и не ја исклучува можноста за употреба на сила за да го стави под своја контрола. Од друга страна, Тајван се смета себеси за независен од кинеското копно, со свој устав и демократски избрано раководство.
Тензиите во Јужнокинеското Море повремено ескалираат, а најновиот инцидент се случи минатиот викенд, кога се судрија кинески и филипински бродови.
Манила го обвини кинескиот брод дека намерно се удрил во филипинскиот брод и користел воден топ. Пекинг, сепак, тврдеше дека инцидентот се случил откако филипинскиот брод ги игнорирал повторените предупредувања и опасно се приближил до кинескиот брод.
Филипините и Виетнам се исто така многу чувствителни на прикажувањето на Јужното Кинеско Море на картите. Филмот „Барби“ од 2023 година беше забранет во Виетнам и цензуриран на Филипините токму поради сцената на која е прикажана карта.