[ФОТО] Болницата „Систина“ со трогателна објава по смртта на Панчо, неговата сопруга се огласи во коментари: „Вие бевте тие кои ми дадовте 7 месеци можност да се гушкам и зборувам сè што не си кажавме цел живот“

Точка

14/10/2025

19:15

3.048

Големина на фонт

а а а

Изминаа 7 месеци од најголемата трагедија што ја има погодено нашата земја. 16 март беше можеби најмрачниот ден во историјата на Македонија, а криците и плачот сè уште одекнуваат во воздухот.

Но, надежта постоеше. А тоа беше дека духот на тој кобен ден нема со себе да земе повеќе жртви. 7 месеци подоцна, бевме демантирани.

Утринава одекна веста дека по бројни денови борба, битката ја загуби уште еден член на бендот ДНК. Владимир Блажев – Панчо, од 16 март па сè до денес се наоѓаше во болнички кревет, а за неговиот живот и ментално здравје се бореа тим врвни доктори. Како изминуваше времето, сите верувавме дека се наближува денот кога музичарот ќе излезе од болница и ќе се врати кај најмилите. Но, животот имал поинаков план за него. Денес, го загубивме и Панчо, а со тоа и заврши една ера, едно детство и младост...


Меѓу сите оние кои се збогуваат со него е и болницата која повеќе од 200 дена се бореше за него, која даде сè од себе.

 Ова е потресната порака на „Аџибадем Систина“:

„Почивај во мир, драг наш Панчо… Се боревме заедно 213 денови и денес ни одлета… Нема зборови за утеха за твоите два ангела Марјан и Андреја и за твојата Маја… Нема зборови што можат да ги запрат солзите на нашите доктори, сестри, болничари кои беа 24 часа со тебе… Целата болница, заедно со тебе и твоето семејство, се боревме и верувавме…“, стои во објавата на болницата.

Почивај во мир, драг наш Панчо…

Се боревме заедно 213 денови и денес ни одлета…

Нема зборови за утеха за твоите два...

Posted by Acibadem Sistina Hospital on Tuesday 14 October 2025

Под објавата следеа бројни коментари од колеги, пријатели и граѓани кои изразија длабока тага и сочувство. Меѓу нив се јави и сопругата на Панчо, Маја, која остави порака на благодарност до тимот кој се грижеше за него:

„Вие бевте тие кои ми дадовте 7 месеци можност да се гушкам и зборувам сè што не си кажавме цел живот. Ви благодарам за секоја секунда посветена од сите вас како болница која ми станавте и втор дом изминатиов период. Нема зборови и нема утеха, а знам дека сте и вие скршени од болка.“

Објавата на „Систина“ и коментарите под неа предизвикаа силни емоции на социјалните мрежи, како уште едно потсетување на тешката борба што Панчо ја водеше за својот живот и на љубовта што неговото семејство и јавноста ја чувствуваа кон него.

Панчо зад себе ја остави сопругата Маја и двата сина Марјан и Андреја. Маја со трогателни зборови на социјалните мрежи, исто така се збогуваше од својот сакан сопруг.

„Не се договоривме вака, душо моја, љубов моја, живот мој. Ме скрши на милион делови“, напиша Маја на својот фејсбук-профил.

Да потсетиме, Панчо и Маја се венчаа на 2 октомври 2013 година во Скопје. Својата љубов ја запечатија на необичен и симболичен начин – наместо класични бурми, двајцата истетовираа прстени на рацете, заколнувајќи се на вечна верност. Нивниот прв син Андреја тогаш имаше две години, а во 2015 година се роди нивниот втор син, Марјан.


Во едно интервју тој изјави: „За еден брак да трае, потребни се разбирање, толеранција и доверба. Жртвувањето мора да биде обострано“.

Да потсетиме, трагедијата се случи на 16 март годинава, кога во пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Панчо тогаш се здоби со тешки изгореници и, по седум месеци борба, ја изгуби најтешката животна битка.

Почивај во мир, драг Панчо.