[ФОТО] Откриена една од најдолгите патеки со отпечатоци од диносауруси во светот

Точка

14/10/2025

19:17

517

Големина на фонт

а а а

Палеонтолозите откриле една од најдолгите патеки со отпечатоци од диносауруси во каменолом во Оксфордшир, која се протега на 220 метри и овозможува увид во животот на диносаурусите пред 166 милиони години.

Тим британски научници, снимен од Би-би-си, ги истражуваат отпечатоците од огромни четириножни сауроподи, веројатно цетиосаури, кои достигнувале должина до 18 метри.


На локацијата биле пронајдени и помали отпечатоци од стапала на двоножен месојад, мегалосаурус.

„Овие отпечатоци се неверојатно големи и нѝ даваат единствена можност да видиме како диносаурусите се движеле природно и слободно“, изјави Ема Николс од Природонаучниот музеј на Универзитетот во Оксфорд.


Контролираните експлозии во каменоломот отстрануваат милиони години стари варовнички карпи, овозможувајќи им на палеонтолозите детално да го проучат секој отпечаток.

Врз основа на трагите, истражувачите ја реконструираат брзината и начинот на движење на диносаурусот – во овој случај, сауроподот се движел околу два метри во секунда, што е брзината на човек што брзо оди.


„Отпечатоците нѝ овозможуваат да одговориме на прашања за социјалното однесување на диносаурусите – дали оделе сами или во стада, или едноставно шетале“, рече Питер Фолкингем од Универзитетот во Ливерпул.

Локалитетот, исто така, обезбедува фосилни траги од морски организми, вклучувајќи школки, белемнити и мал морски еж, што укажува дека пред 166 милиони години областа Оксфордшир била плитко тропско море.


Се очекува понатамошните ископувања да откријат уште повеќе траги и стапалки, што ќе даде ретка можност за проучување на однесувањето и животната средина на диносаурусите за време на периодот Јура во Велика Британија.