Научниците ја снимија најчудната риба од длабокото море – изгледа како да нема лице

Точка

14/10/2025

11:41

742

Големина на фонт

а а а

За време на најновата експедиција на истражувачкиот брод „E/V Nautilus“, научниците во длабочините на Тихиот Океан, во близина на Куковите Острови, забележале необично суштество што веднаш го привлекло нивното внимание.

Станува збор за ретка длабоководна риба од видот „Typhlonus nasus“, јагула од семејството „Ophidiidae“, позната по својот речиси безживотен изглед и недостиг на лице.

Истражувачите, чија мисија имала за цел да ги истражи досега непознатите делови на морското дно, со помош на далечински управувани подводни возила (ROV) забележале необична сенка што се движела во далечината.

Кога ѝ се приближиле, камерите откриле суштество што, според нивните зборови, изгледало како „огромна проѕирна полноглава жаба без препознатливи црти на лицето“.

Набргу потоа, рибата исчезнала во темнината, но тимот подоцна пронашол уште еден сличен примерок.

Живот во целосен мрак

Научниците потврдиле дека се работи за таканаречените „безлични јагули“ – риби што го добиле своето име токму поради тоа што нивното лице е речиси целосно редуцирано.

„Иако изгледа како овие длабоководни риби да немаат очи, кај младите единки се пронајдени мали очи скриени длабоко под кожата,“ објаснува тимот на „Nautilus Live“ во објавеното видео.

Овие риби живеат на длабочини и до 5.100 метри, во област позната како абисална зона, каде сончевата светлина не допира.

Во такви услови, губењето на видот претставува еволутивна предност, бидејќи големите очи стануваат непотребни за опстанок.

Сличен феномен е забележан и кај други видови што живеат во целосен мрак, како слепите пештерски риби.