ЕУ го казни „Гучи“ со 120 милиони евра

Макфакс

14/10/2025

15:57

191

Големина на фонт

а а а

Европската комисија објави дека ги казнила луксузните модни куќи „Гучи“, „Клое“ и „Луеве “со вкупно 157,4 милиони евра за мешање во политиката на цени на трговците на мало.

„Гучи“ мора да плати глоба од 119,7 милиони евра, „Клое“ – 19,7 милиони и „Луеве“ – 18 милиони евра. Брисел ги намали износите за сите три компании бидејќи соработуваа во истрагата и обезбедија докази. Брендовите со седиште во Италија, Франција и Шпанија нелегално ги одредуваа цените на своите производи за трговците на мало, откри Комисијата.

„Три модни компании се мешаа во комерцијалните стратегии на своите трговци на мало со наметнување ограничувања, како што се барањата да не отстапуваат од препорачаните малопродажни цени, максималните попусти и одредени периоди на продажба“, се вели во соопштението на ЕК.

Ваквите практики резултираат со повисоки цени и го ограничуваат изборот на потрошувачите, заклучија во Брисел.

Прекршоците се протегаат неколку години и ја опфаќаат целата територија на Европската Унија.

„Сите потрошувачи во Европа заслужуваат придобивки од вистинска ценовна конкуренција, што и да купат и каде и да купат, онлајн или офлајн. Одлуката испраќа силен сигнал до модната индустрија и пошироко дека нема да толерираме вакви практики во Европа и дека фер конкуренцијата и заштитата на потрошувачите важат еднакво за сите“, изјави потпретседателката на Европската комисија, Тереза ​​Рибера.