Проданоски: Реконструкција на речното корито во Прилеп со пешачки и велосипедски патеки, урбана опрема и современо осветлување

Макфакс

07/10/2025

14:09

147

Големина на фонт

а а а

Време е градската река да стане нашата гордост. Од заборавена и запуштена, таа ќе се претвори во жив простор за сите генерации на Прилеп, вели кандидатот за градоначалник на Прилеп, Дејан Проданоски.

„Ова е уште еден од нашите приоритетни проекти, реконструкција на речното корито во населбата Сточен пазар до градскиот базен, Маркови кули и новиот мост на улица Победа или вкупно четири и пол километри должина.

На површина од повеќе од 14 хектари ќе изградиме пешачки и велосипедски патеки, кејски ѕидови, урбана опрема, клупи и современо осветлување.

Со новите пешачки мостови и реконструкцијата на коритото, ќе ги поврземе двата брега во градот, отворајќи нови комуникациски правци и олеснувајќи го пристапот на нашите сограѓани кои живеат во населбите покрај реката“.

Нашата цел е јасна, додава тој. Уреден кеј за рекреација, дружење и семејни активности, чист и безбеден за сите граѓани.

„Со овој проект ќе создадеме модерен и функционален простор кој ќе го трансформира централниот дел на Прилеп во симбол на чистота, убавина и напредок. Простор кој што ги поврзува луѓето, ги охрабрува да рекреираат, да се дружат и да уживаат во природата.

Оваа трансформација со сигурност значи подобрување на квалитетот на животот во општина Прилеп.

Со реконструкцијата ќе ги поврземе населбите околу реката и ќе го олесниме пристапот за сите граѓани, без разлика дали живеат блиску или подалеку од центарот на градот.

Пешачките и велосипедските патеки ќе го направат движењето низ градот побезбедно, полесно и поудобно“.

Како што вели, градската река ќе стане симбол на новиот Прилеп, место каде природата и урбаната убавина се спојуваат и каде што децата ќе растат во чист и безбеден град.