По смртта на својот татко, Бен Стилер се нашол во потрага по одговори, што го поттикнало да сними документарец за своите познати родители. Во филмот „Stiller & Meara: Nothing is Lost“, кој имал премиера на Филмскиот фестивал во Њујорк, актерот и режисер зборува за тешкиот период во својот живот, вклучувајќи го и привремениот прекин со сопругата Кристин Тејлор, пишува „People“.
Стилер (59) открива дека, додека неговата кариера била стабилна, во приватниот живот се чувствувал сосема поинаку. Во времето на раздвојувањето од Тејлор, кое започнало во 2017 година, тој се борел со чувство на несреќа и дисбаланс.
„Работите навистина не беа добри во мојот приватен живот“, признава во филмот. „Просто се чувствував дисбалансирано и несреќно, некако одделен од своето семејство, од своите деца и едноставно малку изгубено.“
Токму таа лична криза го поттикнала Бен Стилер да се насочи кон приказната на своите родители, комичарите Џери Стилер и Ен Мира.
„Почнав да размислувам за своите родители и за стресот и тензијата што се сеќавам дека ги видов како дете, за притисокот кога работеле заедно и како успеале да останат заедно низ сето тоа“, објаснува Стилер. Додава дека сакал да разбере „како успеале во тоа“.
Да потсетиме, Бен и Кристин се смирија во февруари 2022 година.
Документарецот е полн со архивски семејни снимки и аудио записи, од проби на комедии до приватни разговори. Бен и неговата сестра Ејми во филмот споделуваат како нивниот татко чувал речиси сè – од маски за нуркање и исечоци од весници до детални љубовни писма од почетокот на врската со нивната мајка.
Џери Стилер и Ана Мира се запознале во 1953 година и наскоро се венчале, а биле во брак повеќе од 60 години, сè до нејзината смрт во 2015 година. Како комичарско дуо, тие станале познати во шеесеттите, а подоцна оствариле и забележителни самостојни улоги, како улогата на Џери во серијата „Seinfeld.“ По смртта на татко му во 2020 година, Бен изјавил:
„Се пронајдоа еден со друг и беа тука еден за друг. Се чувствувам како повторно да се поврзаа.“
По премиерата на Филмскиот фестивал во Њујорк, филмот „Stiller & Meara: Nothing Is Lost“ ќе се прикажува во избрани кина од 17 октомври, а од 24 октомври ќе биде достапен и на стриминг сервисот „Apple TV+“.