Во рамки на Модната недела во Париз вчера се одржа ревијата на модната куќа „Dior“, првата на која како креативен директор се претстави Џонатан Андерсон, кој до неодамна беше главен дизајнер на брендот „Loewe“.
Претставувањето на женската колекција за пролет-лето 2026 собра многу познати имиња, меѓу кои беа актерите Џони Деп, Ања Тејлор-Џој и Џенифер Лоренс – долгогодишни заштитни лица на „Dior“, a една од највпечатливите гостинки беше Брижит Макрон, првата дама на Франција.
Сопругата на францускиот претседател Емануел Макрон за оваа пригода одбра свој препознатлив стил – комбинација во духот на business chic, составена од сако, фармерки и салонки, додека во раката ја носеше прочуената чанта „Lady Dior“.
Госпоѓа Макрон носеше струкирано сако со двојно копчање и светлосина чанта, додека салонките ѝ беа во темносина боја. Што се однесува до фармерките – повторно се определила за skinny модел, кој совршено се вклопил во нејзиниот син стајлинг.
Веќе со години е реткост да се видат фармерки со skinny крој во новите колекции на влијателните модни брендови, а модниот свет упорно се обидува да ги отфрли моделите кои се целосно припиени за телото и потсетуваат на хеланки.
Всушност, уште во 2021 година на ТикТок беше популарна пораката „no skinny jeans“, што доведе до огромен пад на продажбата на ваквите фармерки ширум светот.
Сепак, ваквите модели и понатаму остануваат многу популарни во секојдневниот стил на жените, а многумина веруваат дека тие станале вистински моден класик кој се подразбира во секоја гардероба.
Тајната на skinny фармерките е во тоа што визуелно ја стеснуваат силуетата и прават да изгледаме повисоко. Дополнително, обично имаат едноставен дизајн, без вишок детали, па се погодни за разни комбинации и пригоди – а можат да функционираат и како елегантно парче кога се комбинираат со високи потпетици, што сега повторно го демонстрираше и Брижит Макрон.