Од Зоолошката градина во Скопје тврдат дека нема место за загриженост во врска со неодамнешните информации за појава на животинска туберкулоза кај дел од животните. Уверуваат дека безбедноста на посетителите и грижата за животните се врвен приоритет, а се преземаат сите потребни ветеринарни и санитарни мерки.
– Зоолошка градина Скопје ја информира јавноста дека нема простор за паника во врска со неодамнешните информации за појава на животинска туберкулоза кај поединечни животни. Безбедноста на посетителите и грижата за животните остануваат наш врвен приоритет.
Туберкулозата кај животни не е нова појава. Овој вид заболување е познат со децении, и може да се јави и во зоолошки градини и во природата, па дури и во почва, паркови и игралишта во околината каде што живееме.
Ризикот за посетителите е многу низок и речиси невозможен. Преносот на туберкулоза од животни на луѓе е исклучително редок и најчесто бара долг и директен близок контакт со болни животни, нешто што е невозможно за обичните посетители.
Вработените кои се во директен контакт со животните со години изминатиот период беа тестирани.Сите досегашни резултати се негативни , нема заразени лица меѓу персоналот.
Се преземаат строги ветеринарни и санитарни мерки и постојано се врши дезинфекција во живеалиштата. Секое сомнително или заболено животно е предмет на надзор, тестирање и соодветен третман согласно меѓународните стандарди, а поставени се и дез бариери кај живеалиштата.
Превентивно решивме во наредниот период да го изолираме и Бејби ЗОО, катче кое секако во наредниот период ќе мора поради ниските престоечки температури да се затвори за јавност.
Посетителите се движат по безбедни патеки и немаат близок контакт со животните. Контролата на здравјето на животните и на вработените е континуирана и под надзор на надлежните институции.
Случаи на животинска туберкулоза се регистрирани и во други зоолошки градини низ светот, но тоа никогаш не резултирало со ризик за јавноста.
ЗОО Скопје останува целосно посветена на заштита на здравјето на посетителите, добросостојбата на животните и транспарентност во информирањето. Ќе продолжиме редовно да ја известуваме јавноста и да соработуваме со сите надлежни институции за навремена превенција и контрола.
Продолжуваме да работиме со иста посветеност за да обезбедиме позитивно и сигурно искуство за сите посетители и највисок степен на грижа за животните, се вели во објавата од скопската зоолошка градина.