Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денес оствари средба со постојаната координаторка на Обединетите нации во Северна Македонија, Рита Колумбија. На средбата се разговараше за продлабочување на соработката помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Обединетите нации, вклучително и ресорните министерства, преку заеднички проекти и активности кои имаат за цел унапредување на економскиот и социјалниот развој.
Фокусот на разговорот беше ставен на зајакнување на положбата на жените во општеството, особено во делот на економскиот развој, претприемништвото и развојот на лидерските способности. Посебно внимание беше посветено и на политиките за родова еднаквост и превенција од дискриминација, како клучен предуслов за инклузивен и одржлив раст.
Истовремено, беа дискутирани и иницијативи за развој на политики за поддршка на младите, преку обезбедување поголем пристап до квалитетно образование, обуки за современи вештини, можности за вработување и активно вклучување во процесите на одлучување.
Дурмиши и Колумбија разговараа и за значењето на претстојниот Втор светски самит за социјален развој, кој ќе се одржи од 4 до 6 ноември во Доха, Катар. Самитот ќе претставува глобална платформа за обновување и засилување на клучните обврски од Копенхагенската програма за акција – искоренување на сиромаштијата, создавање пристојни работни места, промоција на социјалната инклузија и еднаквоста
На настанот се очекува учество на шефови на држави и влади, како и на претставници од граѓанското општество, приватниот сектор и академската заедница. Дополнително, ќе биде усвоена политичка декларација која ќе ги обврзе земјите-членки да преземат конкретни чекори во унапредувањето на социјалните политики и во исполнувањето на Агендата 2030 за одржлив развој.
На средбата беше изразена заедничка заложба за интензивирање на партнерството меѓу Владата и Обединетите нации, со цел преку конкретни иницијативи да се поддржи економската независност на жените, да се создадат нови можности за младите и да се унапреди квалитетот на животот на сите граѓани.