Словенија го прогласи Нетанјаху за персона нон грата, му забрани влез во земјата

Макфакс

25/09/2025

16:56

215

Големина на фонт

а а а

Владата во Словенија на својата седница го прогласи израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за непожелна личност и му забрани влез во земјата, што, според државната секретарка во Министерството за надворешни работи Нева Грашиќ, следува по мерките што веќе се преземени против двајца екстремистички израелски министри, Итамар Бен-Гвир и Безалел Смотрич, кои беа прогласени за персона нон грата во јули.

„Јавноста е свесна дека тој е гонет за сторени воени злосторства и злосторства против човештвото. Меѓу другото, Меѓународниот суд на правдата на 19 јули 2024 година утврди дека неколку израелски политики и практики го кршат меѓународното хуманитарно право и човековите права“, рече Грашиќ во врска со мерката против Нетанјаху.

„Со оваа одлука, владата испраќа јасна порака до Државата Израел дека Словенија очекува доследно почитување на одлуките на меѓународните судови и меѓународното хуманитарно право“, се вели во профилот на владата на мрежата X.

Словенија со тоа „ја потврдува својата посветеност на меѓународното право, универзалните вредности на човековите права и принципиелната и конзистентна надворешна политика“.

Денешниот потег следува по одлуката на владата во јули да ги означи министерот за национална безбедност на Израел, Бен-Гвир, и министерот за финансии, Смотрих, како непожелни лица.

Словенија, земја-членка на ЕУ која минатата година ја призна палестинската држава, во август воведе ембарго за оружје врз Израел и воведе забрана за увоз на стоки произведени на палестинските територии окупирани од Израел, објави Ројтерс