[ФОТО] Научниците тврдат дека „Ѕвездена ноќ“, познатата слика од Ван Гог, крие неверојатна тајна: Таа е доказ дека сликарот имал генијален ум и бил далеку пред своето време

Точка

17/09/2025

18:42

480

Големина на фонт

а а а

Насликана кон крајот на 1880-тите, „Ѕвездена ноќ“ на Ван Гог е едно од најпрепознатливите уметнички дела.

Освен што, како и останатите слики на Ван Гог е доволно фасцинантна сама по себе, научниците сега открија дека крие тајна која со векови останала незабележана.

Во нова студија објавена во списанието „Physics of Fluids“, научниците посочуваат на легендарните вртлози во сликата „Ѕвездена ноќ“ и сугерираат дека тие може да бидат повеќе од само едноставен уметнички избор.

Во студијата, научниците објаснуваат дека долго време се води дебата за тоа дали вртложните обрасци на сликата, и на многу слики инспирирани од турбулентното небо, би можеле да потсетуваат на теоријата за турбуленција на Колмогоров.


Сигурно се прашувате што е Колмогоровата теорија за турбуленција, епа не сте единствени. Во основа, теоријата за турбуленција го предвидува движењето и обемот на атмосферата врз основа на количината на вклучена енергија.

Гледајќи ги вртложните форми во делото „Ѕвездена ноќ“, научниците успеале да ги измерат размерот и растојанието на потезите кои Ван Гог ги направил со четката, како и светлината на различните бои што ги користел уметникот.

„Размерот на потезите со четка играл клучна улога. Со дигиталната слика со висока резолуција, бевме во можност прецизно да ја измериме типичната големина на потезите со четка и да ги споредиме со размерите што се очекуваат од теоријата за турбуленција“, рече авторот Јонгсјанг Хуанг.

Во своите наоди, авторите тврдеа дека пропорциите и растојанието ги одразуваат обликот, енергијата и обемот на атмосферските карактеристики, додека осветленоста на боите ја репрезентира кинетичката енергија на движењето.


Забележувајќи како кинетичката енергија се движи од големи кон мали турбулентни текови, истражувачите кои ја проучувале сликата сугерирале: „Ван Гог многу внимателно ги набљудувал вистинските текови, така што не се само големините на вртлозите во „Ѕвездена ноќ“, туку и нивните релативни растојанија и интензитети го следат физичкиот закон што ги регулира турбулентните текови“.

Значи, таму каде што ние гледаме прекрасни и шарени вртлози, Ван Гог можеби видел многу попрецизен приказ на атмосферата, а тоа не е ни најимпресивниот дел. Работата е во тоа што принципот на кој се повикуваат авторите на студијата всушност не бил воведен сè до почетокот на 1940-тите, децении откако Ван Гог го завршил познатото дело.


Хуанг понатаму сугерирал дека прецизноста на Ван Гог можеби потекнува од проучувањето на движењето на облаците и атмосферата, иако е можно и тој да имал вродено чувство за тоа како да ја долови динамиката на небото.