Јувентус во рок од само неколку дена одигра уште еден неверојатен и луд натпревар исполнет со многу голови, овојпат во Лигата на шампионите каде ремизираше со Борусија Дортмунд 4-4.
Како и на дуелот со Интер каде подобро се снајде во завршницата и дојде до славје од 4-3, овојпат „бјанконерите“ се вратија од негатива од два гола и се изборија за реми во Торино.
- Веќе ми е доста од ваков тип натпревари. Примаме премногу голови, барем постигнуваме многу голови, но не можеме да продолжиме вака. Беше толку тешко во второто полувреме да се одржи нивото на енергија три дена по неверојатно тежок натпревар, додека Борусија Дортмунд можеше да се види дека имала навистина лесен меч викендот.
- Имаше големо срце, оние што дојдоа од клупата повторно направија голема разлика, како што прават во сите четири натпревари досега. Борусија Дортмунд има одлични индивидуални таленти во секој дел, имавме неколку проблеми со губењето на интензитетот, но сме опасни секој пат кога напаѓаме.
- Евтино примаме голови тоа беа ситуации што можеа да се избегнат. На крајот на краиштата, индивидуалниот квалитет е одлучувачки во фудбалот, како голот на Кенан Јилдиз што се појави од никаде, - истакна тренерот Игор Тудор.