Де Ѕерби за вториот пенал на Реал: Вистински срам!

Дерби

17/09/2025

11:42

220

Големина на фонт

а а а

Реал Мадрид го доби Олимпик Марсеј на премиерата во новата сезона во Лигата на шампиони, но овој натпревар донесе и една дискутабилна одлука, по која доста огорчени останаа гостите од Франција.

Босанскиот судија Ирфан Пелјто досуди два пенали за Реал во победата од 2:1 и истите беа реализирани од Килијан Мбапе, меѓутоа оној вториот предизвика голема фрустрација во гостинскиот табор, па дури и кај тренерот Роберто Де Ѕерби.

Арбитарот покажа на белата точка по играње со рака кое не беше намерно и кое беше последица на чист старт во дуел со Винисиус, па поради тоа што не го зголеми своето тело во дадената ситуација, голем дел од експертите во Франција и Шпанија заклучија дека Марсеј бил оштетен.

Со такво чувство од Мадрид си заминува и италијанскиот стручњак, кој на новинарите во прес-центарот им порачал дека Реал доби смешен пенал во самата завршница од мечот.

– Вториот пенал кој го доби Реал е срамен! Вистински срам, ќе го кажев тоа и да беше досуден за нас. Тоа во ниту еден случај не може да биде пенал.

– Навистина сум лут и бесен, можевме дури и да победиме на овој натпревар. Имаме многу нови фудбалери и се уште го бараме вистинскиот баланс. Можевме да направиме повеќе и тоа им го посочив на моите фудбалери во соблекувалната. Не го кажав тоа како критика, навистина сум горд на тоа како изгледаа моите играчи и како се залагаа за тимот, – изјави Де Ѕерби.