Интер нема добар старт на сезоната во италијанската Серија А каде доживеа два порази на три натпревари и со овој учинок и атмосфера ќе го дочека почетокот на кампањата во Лигата на шампионите.
„Нероаѕѕрите“ првиот тест во елитната конкуренција ќе го имаат во Амстердам кај Ајакс, а желбите, целите се екипата да се пробуди и да покаже што знае и умее на двете страни на теренот, дефанзивно и офанзивно.
- Загубивме два од трите натпревари, не е стартот што го сакавме, но имаме многу искуство и сакаме да се вратиме на добрите резултати. Ова е различно натпреварување, мора да почнеме силно и сè зависи од нас. Треба да ја докажеме нашата вредност. Ако го погледнете натпреварот со Јувентус, премногу лесно дозволивме голови, па работевме на тоа и рековме дека мора да се подобриме.
- Сепак, нашиот стил на фудбал беше доминантен, загубивме поради детали. Имаме искуство и знаеме како да се вратиме на нозе. Разговаравме за головите што ги примивме, а за мене сè е во тоа што се случува во играта. Игравме многу добро против Јуве, на пример, кога ќе го погледнете поседот на топка, направивме што требаше, но примивме голови во погрешно време. Се надевам дека ќе се подобриме во разбирањето на овие моменти во следните неколку натпревари, - истакна Дензем Дамфрис кој верува дека оваа група може да го освои трофејот во ЛШ.
- Играме во Лигата на шампионите за да победиме. Имаме одличен состав, но за мене, не е важно да бидеме подобри од минатата година. Ние сме одличен клуб и можеме да ја освоиме Лигата на шампионите, но тоа е тешко натпреварување и ќе треба да дадеме се од себе почнувајќи од Ајакс. Не започнавме толку добро колку што сакавме во лигата, но од нас зависи да се подобриме и да ја пронајдеме вистинската мотивација. Ние сме екипа која има искуство и карактер. Се гледаме во очи и знаеме дека имаме многу да подобриме, - додаде Холанѓанецот.