Овен Купер, ѕвездата на британската ТВ драма „Адолесценција“, влезе во историјата станувајќи најмладото момче кое освоило „Еми“ награда за исклучителна споредна улога.
Купер, којшто сега има 15 години, ја толкуваше улогата на Џејми Милер во серијата која победи во своите категории, вклучувајќи и награди за неговите колеги Стивен Грејам и Ерин Доерти, како и за режисерот Филип Барантини.
„Адолесценција“ која доминираше на листата на „Нетфликс“ на најгледани серии на почеток на годинава, се фокусира на приказната за 13-годишното момче уапсено поради убиство на соученик.
Серијата била широко фалена не само поради темата туку и поради техничката брилијантност затоа што секоја епизода била снимена во еден непрекинат кадар.
Купер, којшто во времето на снимањето имал само 14 години и никогаш претходно не глумел, ги победил Хавиер Бардем, Питер Сарсгард и својата колешка од серијата Ешли Волтерс, па ја освоил „Еми“ наградата.
Во својот говор по прифаќањето на наградата рекол дека „бил ништо пред три години“.
„Тоа едноставно е толку надреално. Искрено, кога почнав со драмските часови пред неколку години, не очекував дека ќе бидам ниту во САД, а не тука“, изјавил пред публиката во Лос Анџелес.
„Затоа, мислам дека оваа вечер е доказ дека доколку слушате, се фокусирате и излезете од својата зона на комфор, може да постигнете сѐ во животот“.
Мини-серијата од четири дела предизвикала многу реакции кај гледачите и поттикнала разговор во Велика Британија и ширум светот за мизогонијата и безбедноста на социјалните мрежи.
Серијата е прогласена за најдобра антологија или мини-серија во целина и понела вкупно осум награди и 13 номинации.
Инаку, овој тинејџер роден во Ворингтон, уште денеска треба да се врати во Велика Британија и да се подготвува за своите испити.
На Овен, директорот на училиштето му дал една седмица одмор од училиште, но синоќа признал дека тоа било под услов да ги напише домашните задачи додека е во Лос Анџелес, особено по математика.
Неговите родители Енди и Норин му се придружиле во Лос Анџелес, со неговите двајца браќа.
Неговото појавување во емисијата на Џими Кимел, поминало забележано поради шегите со водителот и реакциите на неговите другари од училиште на неговата слава.
„Нема да останат будни до четири наутро“, рекол Овен, па додал: „Да бидам искрен, не верувам дека ќе ме гледаат. Но сите ја гледале серијата“.
Тој изјавил дека „не му оди на училиште“, но дека со себе во Лос Анџелес зел чанта полна со домашни задачи, па дури и по својот најнеомилен предмет – математика.
„Кога седиш на доделување на наградите Еми и со сите тие познати актери, дали размислуваш: Дали навистина треба да знам алгебра?“, го прашал Кимел.
„За тоа размислувам секое утро пред да одам на училиште“, одговорил Овен, па додал: „Затоа што сакам да положам, не сакам да паднам, но...“.
„Ако паднеш, кому му е гајле“, рекол Кимел, па додал: „Веќе имаш кожна јакна, па си панкер“.