Болничката серија „The Pitt“, која следи 15-часовна смена во итната помош во Питсбург, ја освои овогодишната телевизиска награда Еми во категоријата за најдобра драмска серија.
„The Pitt“ во овој избор ги победи дистописката серија „Severance“, како и сатирата за ексцесите на ултрабогатите „The White Lotus“.
Наградата за најдобар актер во драмска серија ја освои Ноа Вајл за неговата изведба на д-р Мајкл „Роби“ Робинавич во серијата „The Pitt“, додека наградата за најдобра актерка во драмска серија ѝ припадна на Брит Лоуер за улогата на Хели Р. во „Severance“. И наградите за најдобар спореден актер и актерка во драмска серија им припаднаа на сериите „The Pitt“ и „Severance“.
Најдобар спореден актер е Трамел Тилман од „Severance“, а најдобра споредна актерка е Кетрин ЛаНаса од „The Pitt“.
Комичарот Сет Роген ја освои својата прва Еми награда за улогата во серијата „The Studio“ додека за најдобар спореден актер во хумористична серија изненадувачки беше прогласен Џеф Хилер за улогата во серијата „Somebody Somewhere“. Двојката од серијата „Hacks“, Џин Смарт и Хана Ајнбајндер, ги освоија наградите за најдобра главна и најдобра споредна актерка во хумористична серија.
Роген ја доби наградата за најдобар актер во хумористична серија за неговата улога во „The Studio", во која глуми нервозен филмски продуцент кој мора да балансира меѓу желбата да работи на престижни филмови и корпоративните барања за профит.
„Не се подготвив, бидејќи никогаш досега не сум добил ништо. Ова е навистина убаво, останав без зборови“, изјави Роген, кој е и коавтор на серијата.
Смарт и Ајнбајндер ги освоија наградите за најдобра главна актерка и најдобра споредна актерка во хумористична серија за нивните улоги во „Hacks“, која зборува за 70-годишна комичарка која се конфронтира со мрежа која го емитува нејзиното шоу. За Смарт ова е четврта, а за Ајнбајндер прва Еми награда.
Младиот, 15-годишен Овен Купер ја освои наградата Еми за најдобар спореден актер во лимитирана серија за својата улога во серијата „Adolescence“ и на тој начин стана најмладиот добитник на Еми во историјата. При примањето на наградата кусо изјави: „Ако слушаш, се фокусираш и излезеш од твојата зона на комфор, тогаш можеш и да постигнеш нешто. Пред три години бев никој и ништо“.
И наградите за најдобра главна машка улога и најдобра споредна улога во лимитирана серија ги освоија членови на екипата на „Adolescence“, Стивен Греам и Ерин Доерти. Наградата за најдобра женска главна улога во лимитирана серија ја освои Кристин Милиоти од серијата „The Penguin“.
Во изборот учествуваа околу 26.000 членови на Телевизиската академија.
Целосната листа на победници можете да ја погледнете на следниот ЛИНК.