Гвардиола: Халанд е пред Исак

Макфакс

13/09/2025

15:25

130

Големина на фонт

а а а

Пеп Гвардиола јасно стави до знаење дека за него нема подобар напаѓач од Ерлинг Халанд. Менаџерот на Манчестер сити одговори на новинарско прашање да направи споредба меѓу Халанд и Александар Исак, новиот напаѓач на Ливерпул платен 145 милиони евра, откако Арне Слот рече дека Исак е најдобар на светот.

„Го ставам Халанд малку повисоко. Исак е исклучителен играч, но ме прашавте за Ерлинг и тој е на врвот“, рече Гвардиола.

Тој додаде дека Исак е достоен за сите пофалби, но и дека според него, дури ни Лионел Меси не може да се спореди со Норвежанецот.

„Исак е веројатно врвен играч штом го платиле толку многу. Некој друг би можел да ги именува Мбапе, Меси или Кристијано Роналдо, но јас не би го менувал Ерлинг за никого“, нагласи Гвардиола и ги изненади Англичаните бидејќи е познато колку каталонскиот стручњак го обожава Меси.

Норвежанецот пристигна во Сити во 2022 година од Борусија Дортмунд. Досега одигра 149 натпревари и постигна 127 гола во дресот на Сити. Оваа сезона во Премиер лигата продолжи во ист ритам, со три гола на три натпревари.

Покажа дека е во одлична форма во дресот на репрезентацијата. На квалификацискиот тест против Молдавија неодамна постигна дури пет гола и стана најдобар стрелец во квалификациите за Светското првенство.