[ВИДЕО] Новак Ѓоковиќ откри како изгледа неговата дневна рутина: Денот го започнува со молитва и „чуден“ напиток

Точка

13/09/2025

13:01

601

Големина на фонт

а а а

Иако има 38 години, Новак Ѓоковиќ сè уште успешно им парира на помладите тениски ѕвезди и се одржува на самиот врв на светскиот тенис.

Тој има освоено рекордни 24 гренд слем титули, а неговата долговечност на теренот не е случајна, туку резултат на строга и внимателно осмислена велнес рутина што неодамна одлучи да ја сподели со јавноста.

Во разговор за „TheTennis101“, Ѓоковиќ ги откри деталите од неговата дневна рутина, која вклучува молитва, специјални пијалаци, суперхрана и целосна посветеност на физичкиот и менталниот баланс.

Денот го започнува со благодарност и „чуден“ пијалак.

„Првиот момент кога ќе се разбудам е секогаш молитва. Тоа е израз на благодарност што сум жив, што имам уште една шанса да го живеам тој ден“, рече Ѓоковиќ.

Потоа следува неговиот специфичен утрински ритуал.

„Пијам млака вода со лимон и малку сол. Тоа помага со хидратацијата и активирањето на мојот метаболизам. Потоа земам посебна формула за хидратација со електролити и минерали“, рече Ѓоковиќ.

Српскиот шампион претпочита лесен појадок богат со витамини:

„Обожавам овошје, смути и природни сокови. Моето омилено смути е со бобинки и урми, многу сакам урми. Додавам и семки од коноп, други семки, мака прав и спирулина“.

Ѓоковиќ консумира спирулина, позната по својата висока содржина на протеини и антиоксиданти, иако признава дека нема најдобар вкус.

„Затоа, ја мешам со други нешта. Имам готова зелена мешавина со алги и суперхрана што го маскираат тој непријатен вкус.“


Интересно е што Ѓоковиќ не пие кафе.

„Не, не пијам кафе. Понекогаш зелен чај, но тоа е сè“, истакна Србинот.

Дури и кога нема тениски тренинг, Ѓоковиќ не може да замисли ден без физичка активност:

„Сакам да бидам надвор, да пливам во морето, да возам велосипед, да пешачам, да џогирам. Исто така, играм и други спортови, фудбал, кошарка, падел, пинг-понг, само за да ми се активира циркулацијата“, објасни тој.

По физичката активност, доаѓа време за релаксација.

„Сакам да одам во сауна, да се бањам во вода со мраз. Ми се допаѓа рамнотежата помеѓу активноста и релаксацијата“, рече Ѓоковиќ.


Посветеноста на Ѓоковиќ кон здравјето и телото дојде до израз за време на Вимблдон во 2024 година, кога неверојатно брзо закрепна од сериозна повреда на коленото. Тогаш откри дека му помогнала таканаречената „пирамидална вода“ од Босна и Херцеговина, како и „магични напивки“ и апчиња подготвени за него од лични терапевти.

Иако на овогодишниот Ју-Ес Опен беше запрен од помладата генерација предводена од Синер и Алкараз, Ѓоковиќ не се откажува. Тој сè уште верува дека може да освои барем уште еден Гренд слем пред да замине во пензија.