Вучиќ: Претседателот на Кина лично ме покани во државна посета, верувам дека тоа ќе биде во наредните шест месеци

Макфакс

04/09/2025

12:41

191

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека денес ја имал најважна средба во Пекинг со претседателот на Кина, Шји Џјинпинг. Истакна дека средбата била исклучително пријателска и срдечна.

„Она што би го кажал како добра вест за граѓаните, што го потврдува пријателството и говори за она што доаѓа потоа – претседателот Шји лично, а не преку кабинетот или на вообичаен бирократски начин, туку сам во разговор ми упати покана како на претседател и на нашата делегација да дојдеме во државна посета на Кина“, рече Вучиќ.

Наведува дека во краток временски период ќе дојде до државна посета и претпоставува дека тоа ќе биде во наредните шест месеци.

Тој нагласи дека брзиот експоненцијален раст на увозот и извозот со Народна Република Кина ги покажува нивото и сериозноста на соработката и искреното пријателство.

„Молев за дополнителни инвестиции, за дополнително вработување на нашите луѓе. Претседателот нè информира дека нивните експерти работат и на она за што зборувавме во Москва и дека ќе продолжат да работат и на други проекти и дека Србија како исклучително пријателска земја може да очекува понатамошна поддршка и помош од Народна Република Кина“, изјави тој.

Истакна дека тоа може да се очекува и по разни политички прашања – од Косово и Метохија, територијалниот интегритет на Србија, исто како што и Србија го почитува принципот на една Кина.

Вучиќ нагласи дека е многу среќен кога разговорот завршува вака затоа што знае дека е направено нешто добро за земјата, дека ќе има нови фабрики, нови патишта и железници.

„Тие се израдуваа на фактот дека за 15 дена ја отвораме пругата Белград – Суботица, дека ние го завршивме нашиот дел до Будимпешта. Се гордеам на тоа, тоа се резултати што никој не може да ни ги одземе“, рече тој.

Вучиќ му се заблагодари на претседателот Шји за поддршката – од железарницата, преку ковидот и респираторите, до поддршката за резолуцијата за Сребреница, „без Кина немаше да можеме да ја добиеме поддршката од мнозинството нации во светот“.

„Разговаравме за немешање во внатрешните работи и за управувањето со шарени револуции, за денешните обиди тоа да се направи и во Белград. Кинеското раководство и претседателот сигурно добро ги согледуваат работите во нашата земја и добро ги разбираат притисоците со кои се соочуваме и тоа за нас беше важно“, додаде Вучиќ.

Тој нагласи и дека имал многу добар состанок и со претседателот на Народниот конгрес на Кина, „многу сериозен и воздржан човек, кој ретко покажува емоции, но не ја криеше искрената наклонетост кон Србија“.

Најави дека набргу потпретседателот на Народниот конгрес ќе ја посети Србија, а в година и самиот претседател.

Вучиќ посочи и дека денес имал разговори со три компании, а со уште една ќе разговара подоцна.

Говорејќи за односите, рече: „Некои велат дека Путин не ме цени. Па кому Путин му даде толку висок орден во нашата земја, освен на мене? По повеќе од еден век, го добив јас. Исто е и со Шји Џјинпинг. Србија е европска земја во која дошол најмногупати. И имав чест да го угостам. Толку пати сум бил со претседателот Шји што многу нешта научив од него“.

Вучиќ додаде дека Шји дури го продолжил состанокот за петнаесетина минути од предвиденото, што е редок гест, и дека разговарале и за историјата на српскиот и на кинескиот народ.