Пожар избил попладнево во фабриката „Макпрогрес“ во Виница, посебно позната по производите од брендот „Винчини“. Пожарот го зафатил магацинот и неколку производни погони, информираат од Центарот за управување со кризи.
- Денес, во 18:40 часот, во Центарот за управување со кризи преку бројот Е-112 е добиена пријава за пожар во фабриката за кандирани производи и вафли „Винчини“ во Виница. Пожарот избувнал во магацините и во производствените погони 6, 7 и 8 на фабриката. На терен веднаш излегле екипите на ТППЕ Виница со неколку противпожарни возила и пожарникари, наведуваат од ЦУК.
До градоначалникот на Виница, се додава, е дадена насока да побара дополнителна поддршка и помош од соседните општини.
- Веќе се вклучени ТППЕ Кочани и ДПД Кочани со сите свои капацитети и ресурси, а поддршка е побарана и од Општина Македонска Каменица и Штип. Доколку биде потребно, ќе се ангажираат сили и од други општини, се наведува во соопштението.
Со оглед на тоа дека станува збор за специфичен урбан пожар, неопходно е ангажирање исклучиво на професионални пожарникари, стои во извештајот од директорот на ЦУК, Мухамед Али.