Чудовиште на тркала: Противпожарен трактор што гаси пожари и минува низ оган

Точка

02/09/2025

17:06

552

Големина на фонт

а а а

На социјалните мрежи се шират снимки од ново противпожарно возило создадено за најтешки услови.

Чудовиште на тркала: Противпожарен трактор што гаси пожари и минува низ оган

На социјалните мрежи се шират снимки од ново противпожарно возило создадено за најтешки услови.

Летото што изминува ќе остане запаметено по бројните шумски пожари во Македонија. Затоа не е чудо што жителите копнееле по пожарникари и возила од ваков тип.

Возилото е потпишано од германската компанија „Rebo Sondermaschinen“, која стандардниот земјоделски трактор го претворила во „GTLF-V 12000“ – големо шумско противпожарно возило со модуларни можности.

Основата е „John Deere 6R 250“, а станува збор за целосно опремено возило со далеку поголеми способности од конкуренцијата, пренесува „Index“.


Моќна машина

Во сржта на возилото е 6.8-литарски 6-цилиндричен дизел-мотор со 301 коњска сили, кој во комбинација со огромните тркала обезбедува одлична маневрабилност, дури и низ мочурлива и каллива земја. Може да совлада и водени пречки со длабочина до 1,20 метар.

Посебен адут е самата кабина – опремена со заштитен систем и апарати за дишење, што ѝ овозможува да минува низ оган и густ чад.

Но она што навистина го издвојува е капацитетот за гаснење пожари. Цистерната собира дури 12.000 литри вода и 410 литри пенообразно средство, а протокот на пумпите достигнува неверојатни 360.000 литри на час.

Возилото има три водени топови – два напред и еден на приколката. За споредба, познатото теренско противпожарно возило „Unimog TLF 4000“ располага со капацитет од само 4.000 литри.


Модуларен концепт за повеќенаменска примена

Посебна вредност на овој концепт е неговата модуларност. На стандардните приклучоци може да се монтираат различни алати – масивно предно рало за расчистување пречки, машина за полнење вреќи со песок, витло, пумпи и челично јаже долго 80 метри со влечна сила од 67 kN.

Оваа разновидност овозможува употреба не само во гаснење пожари, туку и во борба против поплави, свлечишта или други природни катастрофи.

Во моментов возилото се наоѓа на тестирање од страна на противпожарните единици, а подоцна ќе се донесе одлука дали ќе биде понудено на пазарот.