Бошковска: Обезбедени се сите учебници, следува покачување на платите во образованието

Макфакс

01/09/2025

13:17

157

Големина на фонт

а а а

Подготвено ја започнуваме новата учебна 2025-2026 година. На сите ученици, на наставниците, стручните соработници им посакуваме многу успеси и нови достигнувања. Владата предводена од ВМРО – ДПМНЕ се погрижи да бидат обезбедени сите услови за квалитетна настава, истакна на прес-конференција Емилија Бошковска од ВМРО-ДПМНЕ.

„Обезбедивме учебници за сите ученици. Истите се испорачани веќе во училиштата, а за прв пат нови учебници ќе има за странските јазици, нешто што ни недостасуваше во изминатите 7 години.

Инфраструктурните услови се доста подобрени и продолжуваат да се подобруваат. Владата и Министерството вложија 67 милиони евра во изградба на нови училишта, спортски сали и во реконструкција на постојните објекти. Во поголем дел од училиштата поставена е модерна информатичка опрема, вклучително и опрема за мрежно поврзување и безбеден интернет“.

Како што нагласи, вештачката интелигенција станува дел од наставните содржини. За таа цел, додаде Бошковска, изготвено е упатство за наставници и ученици, за етичка примена на вештачката интелигенција за образовни цели.

„За прв пат во средните училишта се ангажираат 130 образовни асистенти кои ќе им помагаат на учениците со посебни образовни потреби. Во основните училишта ќе има над 1300 образовни асистенти, а воведено е и формално образование за децата кои се на подолго болничко лекување на детските клиники со што тие повеќе нема да губат настава.

Надлежното министерство стави во употреба и нов електронски дневник, далеку посовремен и пофункционален од претходниот“.

Бошковска потенцира дека откако Владата предводена од ВМРО – ДПМНЕ го започнала својот мандат, наставниците добиле зголемување на платите од над 12 проценти. Следното покачување според неа, ќе изнесува помеѓу 7,5% и 10%, во зависност од степенот на инфлација, а ќе се случува во текот на учебната година, поточно во март 2026та година.

„Го враќаме достоинството на наставниците со јасен план и потпишана спогодба за раст на платите во секоја година од мандатот.

Расте поддршката кон учениците, преку зголемени квоти на стипендии и покривање на трошоците за учество на меѓународни научни олимпијади.

Образованието е приоритет за оваа Влада и за ВМРО – ДПМНЕ. Буџетот за овој ресор годинава е најголем досега и изнесува речиси 40 милијарди денари, односно за 6 повеќе од лани. Застојот од изминатите 7 години е откочен. Промените се интензивираат, се следат глобалните трендови и стандарди, а квалитетот се зголемува“.